Вести Македонија Најважни

За тешкиот пораз на СДСМ Ковачевски одговорност гледа и кај поранешни високи функционери на партијата

Претседетелот на СДСМ, Димитар Ковачевски, попладнево на состанок на Извршниот одбор на партијата официјално ја поднесе оставката како лидер која ја најави вечерта на 8 мај, по поразот на парламентарните и претседателските избори. Ковачевски ги повика членовите на сите тела на партијата од раководството, до општинските органи на раководење на паритјата, да го направат истото.

Ковачевски со допис до медиумите, со речиси идентичното обраќање кое го имаше вечерта на 8 мај, ја информираше јавноста за оставката, а одговорноста за поразот на партијата ја лоцираше во раководство, но и во сите именувани и избрани функционери на патијата. Освен во нив за поразот Ковачевски прст впери и во поранешни партиски функционери.

„На парламентарните и претседателските избори СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции“, напиша Ковачевски во дописот за оставката.

Ковачевски од партиските тела побара носење на сите потребни одлуки за организирање на Конгрес на СДСМ за анализа на изборните резултати и организирање на внатрепартиски избори, согласно Статутот на партијата.

А токму изборните резултати и утврдување на датумот за Конгрес за избор на ново раководство беше тема на денешниот Извршен одбор на партијата. За дел од партиските функционери пред состанокот изјавија дека разговар за оставки и одговорност е излишно оти партијата оди на генерален ремонт.

„Нема потреба да се разговара за оставки заради тоа што јасен е ставот, се оди на генерален ремонт на партијата“, изјави Андреј Петров, член на извршен одбор на СДСМ пред состанокот на партиското тело.

За Петре Шилегов побитно во моментов да се види како СДСМ пак да застане на нозе по, како што рече, поразот на изборите кои ја довеле партијата на егзитенцијално ниво.

„Она што всушност ќе значи реституција, односно, обнова на Социјалдемократскиот сојуз, вараќање кон политичките корени на Социјалдемократскиот сојуз. Целосно едно консолидирање на членството, враќање на политиката идеја и од политичка партија што стана стерилна во изминативе две – три години, повторно да ја вратиме политичката мисла и политичката идеја на СДСМ во понудата на македонскиот политички живот“, изјави Петре Шилегов, член на Извршен одбор на СДСМ.

Шилегов не даде конкретен одговор дали ќе се кандидирал за претседател на СДСМ, велејќи дека побитно е процесот на обнова на партијата да помине со што помалку турбуленции и монолитно, без оглед на персоналните решенија.

Заменик претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, која од состанокот на извршното тело на партијата очекуваше да бидат лоцирани сите грешки и слабости од изборната кампања и да се утврди временската рамка за одржување на отчетниот Конгрес, а потоа и избор на ново раководство, изрична е дека таа нема да се кандидра за претседателка на партијата, туку дека како пратеник ќе биде ветер во грб на ново раководсто на партијата.

За оставките на партиското раководство Лукаревска со став дека тоа е очекуван процес и оти сите се, како раководство, дел од колективната одговорност.

„Сметам дека СДСМ во моментов мора да опстои, да биде силна политичка опција, а тоа ќе биде во наредниот период со сите следни чекори кои што доаѓаат“, е ставот на Сања Лукаревска, заменик претседател на СДСМ.

Социјалдемократите парламентарните избори ги завршија со 154.687 глааа или 15,37 проценти од граѓаните кои гласаа на парламентарните избори. Тоа им донесе само 18 пратеници во Собранието, што е најслаб изборен резултат откако постојат како партија.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со месеци уценувал кумановка и земал 16.000 евра со закани

Дејан Дејан

Го фатија разбојникот, му го нашле и купот пари кои ги украде од банка во Скопје

Дејан Дејан

Алтернатива: Орхан Муртезани е кандидат за министер за европски прашања

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе