Македонија Најважни

Таткото на Вања излегува од Шутка и оди во домашен притвор

Врховниот суд ја уважи жалбата за притворот на таткото на Вања, Александар Ѓорчевски. Тој од Шутка оди во домашен притвор. На одлуката претходеше  јавната седница во Врховниот суд. Ѓорчевски е осомничен дека помагал при грабнувањето на неговата ќерка и од декември е во притвор во Шутка.

„Врховниот суд на Република Северна Македонија ја известува јавноста дека по одржаната јавна седница на ден 25.04.2024 година, Советот за казниви дела донесе Решение со кое жалбата на обвинетиот А. Ѓ., изјавена преку неговиот бранител Владимир Туфегџиќ, адвокат од Скопје, ја уважи, a решението на Апелационен суд Скопје КСЖ-320/24 од 02.04.2024 година, го преиначи на начин што определената мерка притвор против обвинетиот А.Ѓ. ја укина и за обвинетиот определи мерка куќен притвор и мерка на претпазливост“, соопштија од Врховниот суд. 

Неговиот адвокат Владимир Туфегџиќ ја поздравува одлуката на судот и за Телма вели дека таа е мала сатисфакција на огромната неправда и трагедија која му е нанесена на Ѓорчевски.

„Во понатамошниот тек на постапката секако дека ќе докажеме дека тој е неправедно осомничен без било какви докази и огромно влијание на неговата трагична судбина покрај тоа што го загуби детето, има онаа несреќна и непрофесионална прес-конференција на тогашниот министер за внатрешни работи, чии што наводи фактички беа повод за една хистерија во јавноста и тоа беше општо прифатено. Тој човек во тој момент веќе беше обвинет и правосилно осуден. Затоа тежината и големината ан оваа одлука на Врховниот суд е уште поголема“, вели Туфегџиќ.

Пред судот се обрати и Ѓорчевски кој кажа дека и самиот водел истрага по исчезнувањето на неговата ќерка и затоа е во притвор. За случајот сега, како што рече, има само делумни информации и дека сака да дознае што точно се случило и да го дочека моментот кога ќе се дознае идентитетот на одговорните за убиството.

„Се соочувам со апсолутни обвинувања до апсолутност. Истата реторика ја приметив и од обвинителот кој прејудицираше некои мотиви кои не ги разбирам. Воопшто не ми беа јасни. При задржувањето во полициска станица не можев да земам здив. Немав глас и не можев солза да пуштам и беа обвинуван за работи кои не ги разбирам. Ми одземаа се и бев прикажуван каков човек и татко сум. Веќе не сум ни родител ни татко. Ехо од човек остана од мене, рече пред Ѓорчевски.

Со Ѓорчевски претходно во Шутка бил извршен службен разговор при што тој му дал пристап на обвинителството до неговиот телефон, кој сега е на вештачење.

„Побарани се пасвордот и некои други информации во врска со техничките уреди, лаптопи, телефони и итн. Сето тоа име  дадено на службените лица во мое присуство. На лице место е проверено. Телефоните се деактивирани и во овој момент јас немам информација до каде е таа постапка“, изјави Туфегџиќ.

Туфегџиќ рече и дека Ѓорчевски два пати бил подложен на тортура и завршил на клиника и дека за тоа е известен Хелсиншкиот комитет од кој се чека извештај. Воедно во име на семејството на Ѓорчевски поднел барање до Центарот за социјална работа, бидејќи немаат контакт со Миња, сестрата на Вања.

Се уште се чека на екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо, првосомничен  за грабнувањето и двојното убиство на Вања и на велешанецот Панче Жежовски. Според исказите на останатите осомничени, Палевски им кажал дека информациите за тоа кога Вања ќе го напушти нејзиниот дом и дека ќе биде сама му ги дал Ѓорчевски.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – Изборна хроника 04.05.2024

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе