И министер од владата имал средби со контроверзниот тексашки бизнисмен со потекло од Ресен, Ник Назар Мехмети, кој во јули со основачки влог од три милиони евра отворил фирма во канцеларијата на Тхор на Дрин Ахмети, во центарот Соравиа.
КОД истражувајќи ја инвестицијата на Ник Мехмети, сопственик на стриптиз барови во Далас, Тексас, која завршила како позајмица на фирмата Тхор на Дрин, внукот на Али Ахмети, стигна до нови информации во кои е вклучен и министер од ДУИ.
Придружба од Тексас и Зајас
Средбата се случила во втората половина од октомври, кога министерот бил во службена посета на САД, а од неговиот кабинет и од него лично немаше никаква информација за средбата.
Станува збор за министерот за образование и наука Јетон Шакири, а средбата со бизнименот Ник Назар Мехмети е наведена во извештај на веб сајтот на организацијата Пан албанска федерација на Америка- Ватра. Била во седиштето на организацијата во Бронкс во Њујорк.
Ник Мехмети од Далас е третиот од лево, претставник како активист за националната кауза, до него е Дрин Ахмети, внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Двајцата во текстот се претставени и како бизнисмени.
До Ахмети помладиот е министерот Јетон Шакири кој службено беше во Америка за отварање на канали за сорбатока во образованието како и за средби со дијаспората. Публикацијата ги претставува бизнисмените како придружба на министерот.
Цитат од gazetadielli.com, 15-ти октомври, 2023.
Министерот за образование и наука на Северна Македонија, г. Јетон Шаќири, придружуван од активистот со голем придонес за националното прашање, г-дин Назар (Ник) Мехмети, Дрин Ахмети – бизнисмен, Шпетим Латифи, специјален советник на министерот Шаќири, Плеурат Халили – претприемач и Блерон Баралиу, активист на албанската заедница во Њујорк, ја посетија Паналбанската федерација на Америка-ВАТРА.
Соработка во образование нудел министерот Шакири
Министерот Шакири при средбата со претседателот на организацијата Ватра ги пофалил и нив и другите албанско-американските патриотски здруженија за нивниот придонес во националната кауза. Понудил и соработка.
Цитат од gazetadielli.com, 15-ти октомври, 2023.
Министерот Шаќири и понуди на Vatra блиска соработка во областа на образованието и обуката, ја изложи политичката состојба во Македонија, состојбата на Албанците во македонската државна политика и платформата за развој на албанското образование во дијаспората.
Кога го прашавме Шакири дали покрај за патриотските моменти на Тексашанецот Мехмети ги знае и контроверзните детали за него како обвинувања за кршење на законот во неговите стриптиз клубови и германските разузнавачки информации дека е централен мафијашки лик кој донирал пари на политичари во Косово, министерот вели дека не се сеќава и не ги знае биографиите на сите иселеници со кои се среќавал за да разговараат и за соработка и за нивните корени.
Дали средбата е поврзана со Соравиа?
Средбата е само 3 месеци по самонаречената инвестиција на Ник Назар Мехмети кој со три милиони евра во Скопје отвори фирма за консултантски услуги. Фирмата е на исти кат во Соравија, а од обвинителството нема детали дали ги истражиле тие три милиони евра како позајмица од Американецот Мехмети на внукот на Ахмети.
По отварањето на фирмата, Дрин Ахмети е назначен за директор на Соравија која сака да ја купи, но зделката е под обвинителска предистрага. Соравија не е спомната во текстот за посетата на министерот Шакири, но и внукот на Ахмети и неговиот бизнис цимер од Соравија, Ник Мехмети се спомнати со свои изјави.
Цитат од gazetadielli.com, 15-ти октомври, 2023.
Активистот со голем придонес за националното прашање г-дин Назар (Ник) Мехмети изрази благодарност и почит за активноста и работата на ВАТРА. Дрин Ахмети – бизнисмен изјави дека ВАТРА е света институција која ја одржува врската на Албанците со Америка.
На повеќе теми, меѓу кои покрај за Ник Мехмети беше и тендерот за софтверски пакет ХелпДеск во одбрана, упативме прашања до компанијата Тхор на Дрин Ахмети, но не беа во можност веднаш да ги одговорат и најавија дека ќе го сторат тоа наредната недела.
ОДГОВОР ОД ТХОР ИНДУСТРИС- СКОПЈЕ
Ви благодариме за остварениот контакт и Вашите прашања. Ве известуваме дека најдоцна до среда (13.03.2024 година) ќе добиете одговор од наша страна.
Миомир Серафиновиќ
Прилогот беше прикажан во КОД-емисијата „Министер со стриптиз газда, должни на Еуростандард, интервју со Петровска“ која беше емитувана на 10.03.2024.