Меѓународната организација на трудот отвори предмет за конфликтот меѓу Синдикатот за култура и Министерството за култура и туризам, во врска со Колективниот договор за култура, за кој Уставниот суд треба да одлучи дали тој е согласно уставот и законите, а постапката се однесува и на членот 78- љ од Законот за култура. Предметот е испратен и до Владата на Македонија , која има рок да и одговори на Меѓународната организација на трудот на неколку прашања за кои во жалбата ги информираат од Синдикатот за култура. Проблемите меѓу двете страни ќе се решаваат со медијација, во која ќе се вклучи Комитетот за слобода на здружување при Организацијата на трудот.
По една година неможност да се најде заеднички јазик со Министерството за култура и туризам околу Колективниот договор за култура, за кој Уставниот суд донесе решение целосно да ја преиспита неговата уставност и законитост, како и членот 78- љ од Законот за култура, Синдикатот за култура испрати жалба до Меѓународната организација на трудот и веќе доби одговор.
- „Кажуваат дека е отворен веќе предмет за нашиот случај, со број на предмет. И дека истиот е испратен до Владата на РМ, од каде што очекуваат во разумен временски рок да добијат одговор“, изјави Вера Атанасовска- претседателка на СКРМ.
Владата треба да и одговори на Меѓународната организација на трудот за три точки внесени во жалбата од страна на СКРМ.
- „Првата работа се процесите, тужбите, односно имплементацијата на Општиот колективен договор, во културата. Втората работа е решението на Уставниот суд за целосно укинување на Колективниот договор за култура. И третата работа е нефункционирањето на Комисијата за репрезентативност при Министерството за економија и труд затоа што ние веќе 3 години чекаме репрезентативност при доставени списоци. Меѓутоа решение Министерството за економија и труд не издава“, додава Атанасовска.
Во жалбата испратена од Синдикатот за култура до МОТ, е понудена и прифатена е медијација за надминување на проблемите меѓу СКРМ и Министерството за култура и туризам. Од страна на МОТ, медијацијата ќе ја врши Комитетот за слобода на здружување. Ако сѐ се реши со преговори, жалбата до МОТ нема да биде ефектуирана, дополнува претседателката на Синдикатот за култура.
А, од министерството за култура и туризам велат дека се подготвени за медијација, дека ќе одговорат на сите барања и дека се максимално отворени за соработка . Остануваме посветени на конструктивен дијалог, почитување на законските процедури и изнаоѓање решение во интерес на сите вработени во културата, додаваат од ресорното министерство.
Сотир Трајков
