Палестинската милитантна група Хамас одлучи да го распушти телото кое, речиси, 20 години управуваше со Појасот Газа, изјавија претставници на движењето.
Владиниот Комитет за вонредни ситуации соопшти дека неговото раководство поднело оставка и оти е подготвено во целост да го предаде управувањето на Националниот комитет за управување со Газа (НЦАГ), пренесува Ал Џазира.
Во соопштението се наведува дека одлуката е донесена во интерес на палестинскиот народ во Газа, со образложение дека и покрај продолжување на војната, блокадата, одложување на обновата и одбивање на Израел да се повлече од територијата, потребно е да се овозможи ново административно решение.
Владиниот Комитет наведе дека се завршени подготовките за пренос на надлежностите и ги повика посредниците да извршат притисок за Националниот комитет што поскоро да влезе во Газа и да почне со извршување на своите обврски.
НЦАГ е формиран од Одборот за мир, тело што го креира претседателот на САД, Доналд Трамп по неговото посредување за постигнување на примирје меѓу Израел и Хамас во октомври лани.
Хамас управуваше со Газа од 2007 година, откако ја презеде контролата врз Појасот од ривалското движење Фатах.
