На компанијата Далековод Загреб која е избрана да го реализира долгогодишното енергетското поврзување на Македонија со Албанија, од МЕПСО им активирале банкарска гаранција. Ова го пишува во финансискиот извештај на преносниот систем за минатата година.
Од МЕПСО за Телма образложија дека активирањето на гаранцијата е затоа што фирмата не ги завршила работите со далноводот Скопје – Велес во утврдениот рок, а не побарале ниту негово продолжување. Тоа можело да се направи ако станува збор за рок кој би бил во разумен период. Тврдат дека причина за немање на целосна реализација биле имотно правни проблеми.
Активирањето на банкарската гаранција го отвора прашањето дали хрватски Далековод ќе може без проблем и на време да го реализира поголемиот проект кој го добија – енергетското поврзување на земјава со Албанија – проект на кој се работи со години.
Од МЕПСО уверуваат дека нема простор за загриженост. Работите таму се одвивале според планираната динамика, на терен веќе биле поставени столбови на потегот кај Битола.
Хрватската компанијата Далековод беше избрана да го реализира овој долгогодишен проект, откако на крајот од 2024 година се раскина договор со претходната фирма – Енергоинвест ДОО Сараево, Босна и Херцеговина.
За енергетското поврзување со Албанија новото раководство во МЕПСО го раскина договорот со ЕНЕРГОИНЕВСТ со образложение дека компанијата не ги исполнила своите обврски и на новиот повик беше избран Далековод Загреб да го реализира.
Но, по прекин на договор со сараевската компанија, одборот за решавање на спорови пресече – потегот е неоправдан и Енергоинвест има право да бара 6 милиони евра од МЕПСО.
Македонскиот преносен систем ја оспори одлуката на предарбитражниот одбор за спорови и неодамна на брифинг со новинарите директорот Љативи кажа дека е убеден дека процес ќе заврши во интерес на МЕПСО и државата. Сега пред арбитражниот суд ќе излезат со барање од над 19 милиони евра оштета. Тогаш беше кажано дека Енергоинвест завршиле само 4 отсто од работата, за тоа добиле над 5 милиони евра, а неколку пати го напуштиле и градилиштето.
Сега, хрватскиот конзорциум Далекувод со кој е потпишан договор од 19, 3 милиони евра треба да го реализира енергетското поврзување. Рокот во договорот е 30 месеци. На 400 киловолтен далновод кој енергетски треба да не поврзе со Албанија се работи околу 10 години и е од голема важност за стабилноста на системот на двете држави.
Ирена Чачкова
