-Ник Мехмети основал фирма во Скопје со основачки капитал од 3 милиони евра. Во Далас има стриптиз барови. Фирмата се наоѓа на истата адреса со фирмата „Тхор“ на Дрин Ахмети (внукот на Али Ахмети). Дрин и „Тхор“ се под две предистраги во обвинителството. „Тхор“ добил тендер за набавка на софтвер во Министерство за одбрана. Повеќе од прилогот на КОД.
На крајот на јули лани, повеќе медиуми на албански јазик и од Македонија но и од соседството објавуваат интересна информација за голема инвестиција на американски Албанец во Скопје. За тоа дури кратка видео вест објавува и Јутјуб каналот ALBTV USA.
Зад името на Ник Мехмети се крие иселеник со корени од Македонија, од Ресен. Ник Назар Мехмеди кој повеќе децении живее во Тексас, во градот познат по највлијателниот спортски клуб во САД и по атентатот врз Џон Кенеди. Од Далас како претседател ја води организацијата Глобална бизнис мрежа на албанската дијаспора.
Но, дома во Тексас е познат и како сопственик на стриптиз барот Липстик, место околу кое се плетат контроверзи, сомнежи за кривични дела и законски препукувања за лиценцата на барот со полицијата.
Од друга страна, Ник Назар Мехмети го сметаат за албански патриот, филантроп и успешен бизнисмен, некој за кого американските медиуми пишуваа дека во 1999-та за време на НАТО интервенцијата во Косово и нападите врз Србија, постојано бил пред Белата Куќа каде дури и со песна му изразувал поддршка на тогашниот американски претседател Бил Клинтон за помошта која ја дава на Албанците во Косово.
Инвестиција во канцеларијата на Дрин Ахмети
Како што објавуваа некои медиуми на албански јазик, тој трите милиони евра ги вложил како инвестиција во Скопје. Отворил фирма која се вика Американ Инвестментс. Фирмата на Ник Назар Мехмети се наоѓа на улица Филип Македонски број 3/11.
Тоа е адреса на Соравиа центарот. А на истата адреса се наоѓа уште една мала но многу по политички врски позната фирма Тхор чиј сопственик е Дрин Ахмети, внѕкот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Сопственикот на стриптиз клубови од Тексас на 21-ви јули лани му станал сосед односно цимер на 11-ти спарт во Соравиа на Дрин Ахмети.
Како што веќе објави КОД, поголема сума на пари била уплатена на сметката на Тхор како позајмица од американски државјанин со балканско потекло. Сумата од три милиони евра одговара на она што го објави КОД.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција кое е надлежно за предистрагата на случајот соопштија дека добиле едно известување од Финансиско разузнавање за случајот и за уплата на пари. Поднесок во обвинителството со изјаснување за случајот поднел и самиот Дрин Ахмети. На случајот се ангажирани полициски инспектори од единиците за борба против корупција и за финансиски истраги.
-Активностите се прават од повеќе аспекти, не само за продажбата туку за сите дејствија поврзани со конкретни лица, се со цел да се утврди дали овие лица се вклучени во било какви активности на институции. Побарани се информации од Фонд за иновации, од МВР, од Комисија за заштита на конкуренција, од Капетанија во Охрид, од Централен депозитар на хартии од вредност. По полициски интерни канали побарани се информации од трети земји, но не може да споделам од кои држави. Станува збор за сеопфатна истрага, брифинг на ОЈОГОКК.
Ниту државниот обвинител Коцевски не споделува многу информации за предистрагата со внукот на лидерот на ДУИ.
Предистрага за Соравиа, тендер, па бум со пиротехника
Во меѓувреме додека се истражува случајот Соравиа и Дрин Ахмети, фирмата од 11-ти кат во деловниот центар влегува во зделка со првата државна институција и добива јавна набавка во Министерство за одбрана. Набавката е за софтвер. За 873 илјади денари,Министерството за одбрана од Тхор индустриес набавило Апликативен софтвер за административна поддршка на корисници на информатички мрежи HelpDesk.
Во понудата на Тхор стои дека, нивниот софтвер може да се инсталира на веќе постоечката информатичка инфраструктура во Министерството за одбрана и да понуди најмалку 13 различни услуги меѓу кои и помош на далечина, а со понудата се опфатени и две лиценци за вработени во одбраната кои ќе ги обучува фирмата на внукот на Али Ахмети.
Набавката почнала во август, а во конкуренција на 5 фирми, избрана е Тхор, а потписот на 28-ми декември врз договорот, во електронска форма е на Дрин Ахмети.
Министерството за одбрана одговори дека понудата била најповолна.
-Се работи понуда со најниска цена од петте пријавени компании кои се пријавиле на огласот за јавна набавка. Само за споредба, второрангираната компанија доставила понуда со 40% поголем износ. Критериум за избор согласно Законот за јавни набавки е најниската цена на понудата, одговори Министерството.
Само два дена по потпишувањето на договорот, Дрин Ахмети беше приведен со полн гепек огномети и петарди по што скопското обвинителство отвори предистрага за да утврди како внукот на Ахмети набавил околу 750 парчиња пиротехника.
Од Министерството за одбрана ни одговорија дека договорот би можел да се раскине доколку се исполнат условите за раскинување предвидени со Законот за јавни набавки иако и сопственикот и фирмата на тендерот исполниле се што треба.
-При доставувањето на понудата, понудувачот има доставено изјава за неизречена правосилна судска пресуда за сторено кривично дело кое има елементи од кривични дела утврдени со Кривичниот законик, согласно член 88 став 1 од Законот за Јавни набавки. Согласно ова, комисијата за јавни набавки при Министерството за одбрана немала основа да ја отфрли понудата ниту има основа да го раскине договорот, бидејќи тоа не би било во согласност со Законот за јавни набавки, одговорија од Одбрана.
Без разлика на петардите и Соравиа, зделката на Дрин Ахмети во Одбрана е сигурна доколку си ги остварува обврските за договорот кој е помал од 15 илјади евра.
И во договорот со Одбрана се спомнува адресата Филип Втори Македонски број 3/11, во Соравиа и истата адреса на македонската фирма на сопственикот на стриптиз барови во Далас и потенцијален странски инвеститор во државата со 3 милиони евра.
Патриот, национална кауза и стриптиз бизнис- профил на Ник Мехмети
Ник Назар Мехмети веќе му станал бизнис цимер на Дрин Ахмети, но поради построгите закони речиси со сигурност во Македонија нема да отвора клубови со дами кои играат околу шипки.
Влогот од три милиони евра упатува на многу поголем бизнис. Ник Мехмети како претседател на Економската мрежа на албанската дијаспора споделува фотографии на фејсбук од средби со различни и многу познати или влијателни луѓе.
На една слика е со Лазим Дестани, а семејството Дестани е сопственик на компанијата Еколог. Со сонародниците на еден молитвен појадок се сликал со англискиот десничар и анти-албански политичар од Британија Најџел Фараж, најверојатно да му покажат дека погрешно ги претставува во јавноста и да го исмеваат.
Има фотографија и со Тед Круз, републикански сенатор од Тексас,кој пред 8 години му беше главен партиски противкандидат на Трамп.
Интересно е што Мехмети повеќе наклонет кон демократите, а американски медиум кога објавуваше приказна за него наведуваше дека во 1999-тата, Тексашанецот со ресенски корени пред Белата Куќа му пеел песни за поддршка на Бил Клинтон за интервенцијата на Косово во полза на локалното албанско население кое беше под репресија на режимот на Слободан Милошевиќ.
Беше голем донатор на ОВК, а на десетгодишнината од незвианоста на Косово доби орден од Хашим Тачи. Но, странските тајни служби како БНД имаа поинакво мислење за Мехмети.
Белешка на БНД од 2003-та, објавено во 2005-та: Еден од најголемите финансиери на Тачи, на ОВК за време на војната во Косово во 1999-тата и на војната во Македонија беше организирана криминална група распоредена околу Мехмети Назар, кој живее во Далас, Тексас.
Не, со пофални зборови пишуваше и веб порталот на албански јазик, Перископи, кој по изборот на Ник Мехмети за претседател на Бизнис мрежата на албанската дијаспора тврдеше дека многу албански бизнисмени од Америка не сакале да соработуваат со него.
Напис во periskopi.com: Скандалозно– Газда на стриптиз клубови ја предводи Бизнис мрежата на албанската дијаспора
Претседателот на Бизнис мрежата на албанската дијаспора, Назар Мехмети, е познат како сопственик на стриптиз клубови во Далас, Тексас. Со години имаше проблеми со законот, бидејќи неговите клубови беа цел на полициски акции.Пред повеќе години, во тие клубови имаше десетици уапсени за дрога и проституција. И покрај скандалите, на Мехмети му беше доверена главната функција во мрежата која е претставник на бизнисите на албанската дијаспора и на нивните инвестиции во нашите краишта.
Сега Ник Мехмети е повторно инвеститор во балканските краишта и оперира од центарот на Скопје, како прв бизнис цимер на Дрин Ахмети, внукот на Али Ахмети.
Освен што делат исти простории во Соравиа, отварањето на фирмата на американецот Мехмети во Скопје и основачкиот влог од три милиони евра се поколопува со периодот кога Дрин Ахмети конечно влегува како управител во структурата на компанијата Соравиа. Лани помеѓу 21-ви јули и први септември.
Миомир Серафиновиќ
Прилогот е емитуван во изданието на КОД „Тексас во Соравиа кај Дрин Ахмети, нов газда на Еуростандард и крвавото насилство на скопските банди“ кое беше емитувано на 03.03.2024.
Во новата емисија има ново продолжение за средба на актуелен министер со Ник Мехмети, како и интервју со министерката за одбрана Славјанка Петровска, за тендерот кој го добил „Тхор“ на Дрин Ахмети, но и откритие за обид за руско инфилтрирање во системот на одбраната преку тендер за криптозаштита. Емисијата е на 10.03.2024. на Телма во 19:15.