Вести Македонија

Ахмети и Таравари со исто барање за укинување на претседателските избори

Али Ахмети и Арбен Таравари ја отвараат својата изборна понуда со иста агенда: укинување на претседателските избори и избор на претседател во Собранието. Без исполнување на овој услов, кој подразбира и уставни измени, немаат намера да учествуваат во Влада. Вчера кандидатот за претседател на опозицискиот блок „Вреди“ побара партиите во Собрание консензуално да се договараат кој ќе биде шеф на државата, а лидерот на владеачката партија го надгради барањето со воведување и нова функција: потпретседател.

Ахмети тврди дека оваа негова идеја не е нова и датира од конгресот на ДУИ во 2016-та и во 2020-та. „Давам одлучен завет дека нема да бидеме дел од ниту една Влада која нема да го промени Уставот и ќе одиме во опозиција за да се бориме против егзистенцијалните закани: НЕ за Русија, ДА за Европа“, рече Ахмети.

-Претседателот на државата треба да се бира во Собрание. Ќе има предност тоа што ќе се бира и потпретседател, така што ќе има поголема политичка поддршка со двотретинско мнозинство. На крајот, треба да имаме предвид дека со овој чекор ќе заштедиме и средства од буџетот. За еден циклус претседателски избори трошиме повеќе милиони. Ефектот ќе биде поголем со позитивна порака која ќе влијае во зближувањето на етничките заедници, изјави претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Таравари наоѓа поткрепа во принципите на Охридскиот рамковен договор за консензуална демократија. Бара отварање на Уставот за три теми: внесување на Бугарите во Преамбулата, впишување албански јазик наместо јазик што го говорат 20 одсто и договарање  – една од трите главни функции во државата по автоматизам да им припадне на Албанците.

-Изборот на претседател да се прави во Собранието од следните редовни избори. Ова е големата вест. Во иднина, двете најголеми националности во  Собранието ќе одлучуваат за распределба на трите највисоки државни функции, рече претседателот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари.

Во историјата на независна Македонија, изборот на претседател во Собрание не е непознаница. Во јануари 91-та, Киро Глигоров беше избран со гласовите на 114 пратеници и со барање од ВМРО ДПМНЕ за потпретседател на државата. Потоа, и тој и другите поранешни претседатели добиваа 5 годишен мандат на непосредни избори.

Соња Николовска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Изборен молк поради прегласување за Парламентарните избори 2024, гласаат болните и затворениците

Дејан Дејан

Судскиот Совет одобри притвор и му го одзеде имунитетот на приведениот врховен судија Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе