Економија Емисии Код Македонија

КОД: Како МЕПСО прифати зголемување за 3 милиони евра за неизградената трафостаница Охрид

КОД во ова емисија истражува зошто големиот енергетски проект за поврзување со Албанија не е готов иако ланската пролет заврши рокот. Од МЕПСО чија инвестиција се далноводот Битола-Елбасан и Трафостаницата Охрид велат дека нема анекси на договорот вреден над 34 милиони евра, а проблемите се преговори за корекции на цената и вишата сила. За рокот нема анекс за продолжување, но според информации на КОД сепак со хрватската фирма е договорено покачување на цената за изградба на Трафостаницата Охрид за 3 милиони евра или за 17,7 % повеќе од ппрвичната цена. Дали се избрани вистинските цени и каква е состојбата на градилиштето ќе дознаете од прилогот на Миомир Серафиновиќ. 

Како сцена од вестерн филм, коњски пат, со ниска вегетација покрај него, ама дека е денешно време потврдува сликата од планински снежни врвови на крајниот хоризонт и патот кон Охрид од кој се слушаат автомобили во движење. Празната филмска сцена првично е планирана да чини 16,95 милиони евра, но за да стигне до крајот и да ја исполни намената, според сознанијата на КОД, цената треба да порасне за уште 3 милиони евра или вкупно да стигне до 20 милиони евра.

Станува збор за локација -градилиште на голем енергетски проект, Трафостаница Охрид со напон од 400 киловолти за трансфер и прием на струја и излез од 110 киловолти за електричната мрежа на Охрид. Освен што е пусто градилиштето, без чувар и без градежник на него, единствено што упатува на трафостаница е нејизната школка, празна, без опрема и без пристап до далновод (тука парче 34 од новите од Охрид никако претходно тоа парче). ТС Охрид, трафостаницата веќе требаше да биде готова лани. Крајниот рок беше мај 2023-та, но не е завршена.

Виновна е короната и Украина

Од барок зградата во центарот на Скопје, МЕПСО имаше одговор зошто трафостаницата во Охрид, но и вториот дел од проектот, далноводот Битола Елбасан не се завршени по договорот потпишан во февруари 2020-тата во владината прес сала каде покрај надлежните од МЕПСО, изведувачите на работите од Хрватска и од Босна и Херцеговина, беше и тогашниот премиер на техничката, изборна влада Оливер Спасовски. Се појавиле повеќе проблеми.

-Поради потешкотиите со кои се соочија компаниите секаде во светот, вклучително и АД МЕПСО, а кои беа последица на состојбите предизвикани од пандемијата со COVID 19 (ограничување на движење, редуцирано производство, па дури и времено затварање на индустриски капацитети, попречување во транспортот на добра и луѓе, пораст на цените на светските пазари на стоки и услуги, итн.) и дополнително од војната во Украина (инфлација, енормно поскапување на енергенсите и репро материјалите, итн.), истите предизвикаа ненадминливи предизвици во поглед на извршување на договорените обврски, особено од страна на изведувачите на работите, одговорија од МЕПСО.

МЕПСО во одговорите потврдува дека поради сите проблеми и со цел да се завршат проектите почнале преговори со двете фирми или како што велат во одговорот „започнат е процес за усогласување на начинот и методологијата за пресметка на корекција на цени со цел изнаоѓање на соодветни решенија кои би биле обострано прифатливи“. Децидни се дека решението ќе биде согласно позитивната законска регулатива, а државната МЕПСО  цитирама „како реномирана општествено одговорна компанија, работи исклучиво согласно Закон.“ Но, рокот за изградба истекол лани, а нов нема бидејќи нема ниту Анекс.

-До овој момент и двата изведувачи имаат активни договори за изградба. Исто така, до овој момент помеѓу АД МЕПСО и изведувачите на проектите нема потпишани Анекси на договорите, беше одговорот на државната МЕПСО.

Анексите не се потпишани ниту со Кончар-Хрватска за охридската трафостаница ниту со босанско-херцеговската фирма Енергоинвест која го гради далекуводот кон Албанија, самото МЕПСО потврдува дека се преговара за корекции на цените, но според сознанијата на КОД најмалку еден Анекс веќе е договорен. Станува збор за договорот за трафостаницата која е во надлежност на Кончар. Иако трупот на трафостаницата е поставен и го има на терен, иако 95 проценти од опремата се донесени, таа опрема не била вградена додека со месеци се одвивале преговорите за зголемување на цените.

Постигнат договор- се чека потврда од развојните банки

Пред два месеци, МЕПСО и Кончар се договориле и го усогласиле Анексот и зголемувањето на цената, а сега се чека одобрување од кредиторите од Банките кои ги даваат поволните кредити за инфраструктурата во Македонија. Преговорите со фирмата ЕнергоИнвест од Босна оделе малку поинаку и се стигнало до предлог МЕПСО да го прекине договорот. Но, потоа продолжиле преговорите. Надзорниот одбор одбил да одлучи за двете зделки бидејќи не му е во надлежност. Од друга страна претставници на Надзорниот одбор со кои контактираше КОД велат дека поисплатливо и поефикасно е да се продолжат договорите со веќе избраните фирми отколку преку тендери да се бираат други и да се губи време во неизвесна ситуација.

Но договорот меѓу МЕПСО и Кончар е веќе постигнат и дополнителната сума која е одобрена е 3 милиони евра. Или 17,7 % повеќе од првично договорената.

КОД открива дека првичното барање на Кончар поради зголемувањето на цените на производите изнесувало фрапантни 7 милиони евра односно хравтската фирма барала зголемување на првичниот договор за 41 процент. Од друга страна пак МЕПСО првично ги зел во предвид цените реални за градежни материјали и за опрема од периодот кога хрватската фирма градела и набавувала и првично понудила зголемување на цената од само 1,9 % и тоа по лизгачка пресметка.

Како базна година за пресметка на поскапувањето, преговарачите од МЕПСО ја земале 2022-рата година, по која цените на потребните материјали и опрема немале значително зголемување. Добитникот на тендерот пак инсистирал на најскапите цени односно базна година за покачување да биде 2020-тата година кога во последниот квартал цените на материјалите биле повисоки меѓу 25,5 % и 27,23 проценти на месечно ниво со што бил пресметан и висок просек.

Бидејќи се нашле на две спротивставени страни на финансиската линија на желби- следувале мачни преговори за чие откочување се користеле и политички врски и дипломатски ургенции. На крај, МЕПСО, според сознанија на КОД се одлучил да дозволи зголемување на цена на трафостаницата во Охрид за 3 милиони евра односно 17,7 % повеќе. Покрај тоа што договорот за покачување е постигнат дури по завршување на рокот за изградба, високите проценти на новата поскапа цена се регулирани националните закони на кои МЕПСО се повикува. Законот вели дека истата неменлива цена од договорите важи доколку потребните материјали се покачени до максимум 10 проценти.

ЧЛЕН 656 ОД ЗАКОН ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Одредба за непроменливост на цената

Член 656

(1) Ако е договорено дека цената на работите нема да се менува во случај по склучувањето на договорот да се зголемат цените на елементите врз основа на кои е таа определена, изведувачот може, и покрај ваквата одредба на договорот, да бара измена на цената на работите ако се зголемиле цените на елементите, а без негово влијание, во толкава мера што цената на работите би требало да биде поголема за повеќе од 10%.

(2) И во овој случај изведувачот може да ја бара само разликата во цената која преминува 10%, освен ако до зголемувањето на цената на елементите дошло по неговото паѓање во задоцнување.

И сега кога ќе се пресмета дека индексот за цени на производи потребни за изградба на трафостаницата имал најголем раст на крајот на 2020-тата, или во проценти околу 27 %, а законот дозволува покачување само над 10 % поскапа цена излегува дека преговорите завршиле со поскапување од 17,7 % односно онолку колку што одговарало перфектно на избраната фирма.

Молк на МЕПСО за преговорите

Од МЕПСО не откриваат детали за преговорите  и како стигнале до договорената сума, но цврсто стојат на ставот дека нема ништо ново.

-Цената на договорите е непроменета и за двете компоненти и вкупно изнесува 34.177.095,56 ЕУР. Финансиските средства се обезбедени со грант добиен од WBIF (Инвестициона рамка за Западен Балкан) и кредит добиен од EBRD (Европска банка за обнова и развој), велат

Не е променета, но според условите на кредитите и двете развојни банки, промената треба да ја одобрат токму банкарите. Целата инвестиција официјално беше договорена неколку денови пред да биде прогласена пандемијата на корона. Оттогаш од владината прес сала кога премиер беше Оливер Спасовски, па преку удирањето на камен темелникот крај Охрид каде премиер беше Зоран Заев, до ставањето на камен темелникот на Далекуводот кај Битола кога премиер беше Димитар Ковачевски, постојано се повторуваше дека инвестицијата ќе ја подобри енергетската поврзаност меѓу Македонија и Албанија при енергетски кризи. И кога кризата беше прогалсена, двата проекти престанаа да се работат и не можеа да помогнат.

Поддршка на проектот даваа многумина енергетичари, економисти и политичари. Се радуваа и градежниците, без разлика дали се во или надвор од политичкиот живот.

Општински советник со истраги за насилство удира камен темелник

Кога во февруари 2022-ра, тогашниот премиер Ковачевски дојде во Битола и се приближи да го види првиот кубик бетон во првиот далновод, веднаш до него се залепи бизнисменот и се уште активен политичар, советник на ДУИ во Охрид. Нефи Усеини беше позната по повеќе кривични дела поврзани со насилство и градежна узурпација, но и покрај тоа успеа да дојде до одлично место во првиот ред на церемониата со камен темелникот за далекуводот Битола-Елбасан. На прашањето како НЕФИ-ИК, фирмата на Усеини беше избрана да работи, МЕПСО ја префрли топката.

-АД МЕПСО има воспоставено договорни односи само со главните изведувачи. Договорните односи помеѓу изведувачите и подизведувачите се регулирани со меѓусебен договор, при што изборот  на вторите е направен од страна на изведувачите во согласност со тендерските услови и критериуми, ни одговорија од МЕПСО.

А главниот тендерски услов и критериум за рокот за изградба беше до крајот на 2023-та. Тоа не е исполнето, а градилиштето на охридската трафостаница е пусто и без завршена работа.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Димитриевски: Немаме договор за гласовите за вториот круг за претседател, за тоа ќе одлучи партиското раководство

Дејан Дејан

Вреди и ВМРО-ДПМНЕ согласни за заедничка влада по изборите

Дејан Дејан

Павле Трајанов резибран за лидер на Демократски сојуз на 7-от Конгрес на партијата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе