80-годишната Ѓурѓа Спиркоска е пациентка на Онколошкото одделение во битолската Болница. За да ја прими потребната терапија патува од Прилеп до Битола. Вели засега не се соочила со проблеми и задоволна е од третманот.
- Има терапија, нема проблеми никакви. Кога ќе ми закаже докторот , тогаш идам, ете сега ми рече после една година на контрола. Нема гужва, вели Ѓурѓа Спиркоска од Прилеп.
На Онкологија во Битола работи само одделот за хемотерапија каде има над 500 пациенти месечно од Југозападниот регион. Иако акцелераторот за радиотерапија е набавен пред една деценија, а изграден е и бункер каде што е сместен, овој апарат никогаш не проработи
- И по 10 години набавениот акцелератор во битолската болница не е ставен во функција. За неколку минутна радиотерапија пациентите патуваат до Скопје.
Директорката на Клиничката болница во Битола, Елизабета Ивановска вели дека акцелераторот е набавен многу години пред таа да дојде на оваа позиција во април, поради што веќе поднела барања и до производителот и до Министерството за здравство да се провери во каква состојба е апаратот и да се доопреми.
- Испратив барање до производителот на акцелераторот да ми испрати екипа за да се провери функцијата, не знаеме во каква состојба е. Испратив писмо до Министерство за здравство да се набави компјутер стимулатор без кој не може да работи акцелераторот. Дури и да се набави компјутерот, акцелераторот не може да се стави во функција додека не се провери во каква состојба е, вели Елизабета Ивановска, директор на Клиничка болница Битола.
Додадава дека Онколошкото одделение е добро екипирано, има 4 онколози, доволен број медицински сестри, како и кадар кој може да ракува со акцелераторот.
- Кога се донесе акцелераторот не беше направена ниту обука. Имаме кадар што би работеле со тоа, но потребно е многу работа за да се стави во функција, вели Ивановска.
Онколошките пациентите од Југозападниот регион бараат да им се овозможи радиотерапија во Битола, затоа што велат, со нивната дијагноза голем напор е да се патува до Скопје, но и дополнителен трошок.
Емилија Мисирлиевски
