Вести Македонија

Нема доближување на ставовите за уставните измени

Владеачките партии ги засилуваат обидите да ја убедат ВМРО ДПМНЕ да гласа за уставните измени. Едните говорат за Манифест, другите депонираат оставки како опција за предизвикување предвремени избори.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, во интервју за ТВ21 ја повика ВМРО ДПМНЕ да учествуваат во проширена Влада и да одат на избори веднаш штом ќе ги изгласаат уставните амандмани. Доколку е потребно, вели тој, министрите од Алијанса уште денеска би ги  напуштиле функциите.

Пред десетина дена, тоа веќе го направија петмината министри од ДУИ. Му ги доставија на премиерот Ковачевски и побараа од него да ги активира веднаш по изгласувањето на уставните измени.

Срамежливо, ваква можност доаѓа и од СДСМ. За некои медиуми брифираат дека петмина министри се подготвени да заминат, доколку тоа ја поттикне опозицијата да се премисли.

За ВМРО ДПМНЕ, ваквите најави се фолирање. Бараат консензус само за предвремени избори. И Манифестот го сметаат за задоцнета понуда.

-Знаејќи дека немаат дво-третинско мнозинство за уставни измени, Ахмети и Ковачевски купуваат време со таканаречениот Манифест, документ што е напишан во штабот на ДУИ без никаква консултација со ВМРО ДПМНЕ и со коалицијата. Уставни измени под вакви околности нема да има, се вели во соопштението од ВМРО ДПМНЕ.

СДСМ го смета Манифестот за добра основа за обединување на европскиот пат со почитување на црвените линии.

-Прозорецот на можности Христијан Мицкоски да се приклучи на европскиот блок полека се затвора. Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ ја имаат можеби последната шанса да се престројат на страната на државните и националните интереси. Со поддршката на Манифестот и на уставните измени ќе покажат дека се за европската иднина на државата, изјави портпаролот на СДСМ Дарко Каевски.

Наредниот петок во Собранието почнува пленарната дебата за отварање на Уставот. Расправата може да трае најмногу 10 дена, а за успешно гласање се потребни најмалку 80 пратеници.

Соња Николовска

 

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Лага или вистина патот Градско – Прилеп траса за обвинувања меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ

Дејан Дејан

Започна церемонија на Светиот оган во црквата на Светиот гроб во Ерусалим

Дејан Дејан

Уапсени четворица државјани на Македонија на Косово поради пукање, а еден бил баран со потерница

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе