Вести Македонија

Нема дополнителни услови освен уставните измени

Чекајќи ја собраниската седница за уставни измени со пребројување на приврзаниците и противниците, во земјава пристигна уште едно потсетување: пристапниот процес не може да продолжи без исполнување на овој услов.

Известувачот за Македонија, бугарскиот евро-пратеник Илхан Ќучук порачува дека реална е опасноста од развојување на нашата земја од Албанија од заедничкиот проевропски пат. Доколку не ги внесеме Бугарите во Уставот, не може да се одржи втората меѓувладина конференција со ЕУ.

-Реалното преговорање ќе почне кога ќе се смени Уставот. Албанија ќе продолжи и ќе им се придружи на државите со јасна патна карта како што е Црна Гора. Северна Македонија ќе остане во групата со Србија, Косово и со Босна и Херцеговина, земји кои имаат сериозни проблеми со своите соседи, изјави известувачот за РСМакедонија во Европскиот парламент Илхан Ќучук за бугарските медиуми.

Ќучук потенцира дека не се работи за дополнителни услови туку за исполнување на она што веќе е договорено меѓу двете држави.

-Кога станува збор за стратешки цели како што се влегување во НАТО и во Европската унија, сите треба да бидат единствени. За жал тоа не го гледам. Гледам една игра со стравови во македонското општество. Не, никој не поставува дополнителни услови. Условите се тие и за нив се договорија двете страни: Бугарија и Северна Македонија, вели Ќучук.

На 9 дена пред собраниската седница за отварање на Уставот, нема доближување на ставовите. Владеачките партии вчера  иницираа Манифест за обезбедување на европската иднина на земјата. Повикуваат на обединување.

-Очекуваме и други политички партии, а пред се ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи кон овој Манифест и со тоа на дело да покаже и докаже дека навистина е за ЕУ.
Можностите за Христијан Мицкоски да се приклучи на европскиот блок стануваат `се поретки и ако тој не ја искористи оваа шанса, ќе покаже дека сето она што го говори за европската иднина е само обично блефирање пред јавноста, изјави портпаролот на СДСМ Дарко Каевски.

ВМРО ДПМНЕ го оцени како испуштена можност за постигнување консензус пред Манифестот да биде напишан. Денеска само ја повторија вчерашната изјава.

-Освен тоа што воопшто не мрднале ниту милиметар во насока на остварување на стратешките интереси на државата,  покажуваат и отсуство на целосен капацитет за градење на консензус. Откако ВМРО-ДПМНЕ ќе го добие и официјално документот, ако има основа за разгледување, ќе го анализира и ќе излезе со свој став, рече портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Наум Стоилковски.

Во петок на 18-ти почнува пленарната дебата. За успешна прва фаза во постапката за менување Устав потребно е дво-третинско мнозинство, кое не е можно без гласовите на ВМРО ДПМНЕ.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Георгиев: СДСМ треба да се остави да го изоди својот пат

Дејан Дејан

Тодоров: СДСМ за цело време на мандатот губеше политички поени заради ДУИ

Дејан Дејан

Зеленски го потпиша законот за продолжување на вонредната состојба и општа мобилизација

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе