Ќе ја прифатиме и ќе ја разгледаме вашата претставка, ама обвинителството веќе е при крај со истрагата за конфискацијата на „Трансмет“. Вака накратко обвинителството одговори на ДКСК за наодите на антикорупционерите за пропустите во оваа огромна конфискација. Обвинителството вербално ја обвинува ДКСК дека вчера постапиле неодговорно при јавната презентација на нивните наоди, освен доколку крајната цел на антикорупционерите не била обид да се влијае врз исходот на истрагата. Обвинителството продолжува со тешките зборови за антикорупциска и тврди дека ги немале сите информации и пресуди кои обвинителството во својата истрага ги прибавило.
„Очигледно е дека Комисијата при анализа на предметот немала пред себе бројни докази ниту увид во комплетната фактичка состојба која јавниот обвинител детално ќе ја образложи при носењето на одлуката и ќе ја поткрепи со соодветен доказен материјал. Заклучоците на Комисијата во поглед на имотот на „Трансмет“ воопшто ги немаат предвид, ниту веќе правосилните одлуки на Апелациониот суд со кои спогодбите за префрлање на имотот од „Трансмет“ на „Пуцко Петрол“ се огласени за ништовни и правно неважечки, онака како што е предвидено во членот 202 од Законот за кривична постапка и со кои имотот на Сеад Кочан е трајно впишан во сопственост на државата“, се вели во соопштението на обвинителството.
Пресудите кои ги споменува обвинителството, всушност се граѓански постапки каде интересите на државата ги застапува Државното правобранителство, а не обвинителството. На обраќањето на колегите од фронтот за борба против корупција, Антикорупциска враќа со прашање – Како знаете што како докази собравме, кога уште не ви е доставена нашата иницијатива? – Антикорупциска ги потсетува обвинителите и дека при последната средба поврзана со меморандумот за соработка кажале дека во конфискацијата на „Трансмет“ има огромни пропусти на надлежните.
„Податоците кои беа изнесени на седницата, во најголем дел се веќе познати на јавноста, а ДКСК изврши анализа и хронолошко поврзување на истите. Во духот на заедничка и организирана борба против корупцијата и организираниот криминал целисходно е ЈО претходно да ги види сите факти и аргументи со кои располагаме, бидејќи целта на ДКСК е да придонесе при расветлувањето на овој случај, а не да ја компромитира постапката што се води во ЈО“, се наведува во соопштението на ДКСК.
Антикорупциска вчера повика на одговорност и на обвинителите кои го работеа „Труст“ во СЈО, обвинителството, пак, порача дека веќе утврдиле дека обвинителите Артан Ајро и Гаврил Бубевски постапиле законски и се чисти. Обвинителството ги замрзна активностите по меморандумот за соработка со ДКСК, антикорупционерите возвратија дека ќе соработуваат со сите во борбата против корупцијата и организираниот криминал и корупција.
Миомир Серафиновиќ
