Вести Македонија Најважни

Дали ќе има рудник или не ќе пресече волјата на граѓаните. Ковачевски тврди ќе ја почитува но не открива дали се чуствува изигран од министерот Бектеши

Премиерот Ковачевски, не одговори дали се чувствува  изигран од министерот Бектеши, откако тројца  министри од СДСМ за ИРЛ  рекоа дека  Бектеши ги измамил да  гласаат за дополнителната точка на седница на Влада и тоа без расправа, со образложение дека Упрваниот суд донел одлука за спојување на концесиите за рудникот Иловица. Тврди дека Бектеши на следната седница ќе има задача да ги презентира сите документи за концесиите уште од 2012 година, кога на власт беше Груевски, без да посочи дали ќе сноси одговорност. Рече и дека ако граѓаните на  Струмица не сакаат да има рудник, тогаш нема да има.

– На следната владина седница на Влада, повторно министерот за економија заедно со неговите стручни служби, ќе ги информира сите министри за понатамошната постапка со сите документи од 2012 година, бидејќи не се работи само за една судска одлука. Јасен е ставот и на Министерството за економија и на Министерството за животна средина, и на претседателот на Владата дека рудник не може да има, ако тоа не го сакаат граѓаните на регионот кадешто се дадени тие две концесии, вели премиерот Ковачевски.

Ковачевски неколку пати повтори дека концесиите за рудникот се дадени  уште во време на Груевски и дека државата е ставена во судски лавиринти поради концесиите дадени во тоа време.

Од ВМРО ДПМНЕ, пак за денешната изјава на Ковачевски велат дека е очајничка одбрана на министерот Бектеши и ДУИ.  Очекуваат Бектеши да биде разрешен.

Ковачевски ако не го разреши Бектеши заради овој скандал со кои следува уништување на струмичкиот регион, редно е оние министри кои биле изманипулирани да си поднесат оставка и да престанат да му слугуваат на ДУИ и Али Ахмети, се вели во соопштението на ВМРО – ДПМНЕ.

Но, министри во клучните ресори, економија и животна средина, во тогашните влади на ВМРО-ДПМНЕ секогаш биле од ДУИ, актуелниот партнер на СДСМ во власта.

Од 2011-та до 2014-та министер за економија бил Ваљон Сарачини, додека за екологија во тој мандат бил Абдулаким Адеми. Во наредната последна влада на Груевски од 2014-та министер за економија е Беким Незири, кој пред една недела е избран за претседател на огранокот на ДУИ во Чаир. Во тој мандат за екологија, министер беше Нурхан Изаири. Концесиите и еколошките одобрувања на централно ниво за Иловица/ Штука оделе низ рацете на министри на ДУИ, додека локалните одобренија ги издавале градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, ИРЛ повикувајќи се на изјави на министрите Каја Шукова, Спасовски и Петровска објави дека одлуката за спојување на концесиите дошла како дополнителна точка на владината седница, на предлог на министерот Бектеши. Тие немале никакви прашања и сите гласале ЗА. Министерството за економија на седницата презентирало документ кој тврди дека Управниот суд барал Владата да ги спои концесиите. Министрите не биле запознаени со предметот.

Документот од Управен пак кој го обајавија  медиумите покажува дека судот не наложил спојување на концесиите,  туку  се прогласил за ненадлежен и оставил Владата да носи одлука.

Вчера, во Струмица се организираше протест  против рудниците на кој се појавија и министерката за труд Тренческа и за животна средина Шукова. Граѓаните најавија битка за заштита на струмичкиот регион.

Концесионерот Еуромакс, пак, обвинува дека ова е негативна кампања која внесува страв и загриженост кај јавноста. Тие ги повикаа активистите преку дијалог да се информираат за сите процеси и предлагаат формирање на „независно тело за мониторинг“ што ќе го следи процесот на реализација и работење на рудникот.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Нови битки за Преспа: СИРИЗА со осуда за изјавите на Мицкоски, но и со нотирање одговорност за Мицотакис

Дејан Дејан

Дали ќе се раскинува договорот со “Бехтел&Енка” за над милијарда евра вредните коридори?

Дејан Дејан

Милијардата ќе биде европска, но не унгарска, објаснува Мицкоски

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе