Потребен е системски и неповратен напредок за одржување на демократијата на Балканот. За тоа е потребна рамка со најмалку пет компоненти, правна, политичка, економска, безбедност и разузнавање, истакна денеска претседателот на државата Стево Пендаровски.
На сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“, која е дел од од Преспа форумот за дијалог (ПФД) насловен „Проширено европско семејство до 2030: (не)возможна мисија?” што се одржува во Струга шефот на државата, подвлече дека првите три компоненти најдобро ќе ги обезбеди ЕУ, а следните две би ги поддржала НАТО Алијансата.
Во однос на тезата дека со Украина се смени геополитиката и се врати фокусот на демократијата, шефот на државата се согласи со првиот дел, но делумно не се согласи вториот.
– Војната секако го стави фокусот на геополитиката, но не сум баш сигурен дека воопшто го врати фокусот на демократијата барем на континентот. Според мене војната во Украина беше предизвикана од размислувањето и желбата да се врати поранешниот сојуз, бидејќи во суштина ова е војна за територија. ЕУ според мене не ја разгледува оваа дихотомија како што е именуван насловот на овој панел демократија против автократија и се согласувам дека многу истражувачи, институции и практичари со години го документирале уназадувањето на различни делови на континентот и целиот свет на автократија, но тоа не е поврзано со војната во Украина, истакна претседателот Пендаровски.
