Вести Македонија Најважни

По Пендаровски и Џафери се предомисли: Уставните измени ќе влезат во Собрание без обезбедено двотретинско мнозинство

Со месеци велеше дека нема никаква смисла да ги стави уставните измени на дневен ред ако не е обезбедено двотретинско мнозинство, но сега и тој, како и претседателот Пендаровски, се предомисли. Собранискиот спикер ,Талат Џафери, ја поддржа одлуката на владата, повеќе да не се чека двотретинско мнозинство за да се испратат уставните амандмани во Собранието и да се оди по обратниот редослед.

Ова сценарио беше применето пред четири години, кога беше променет Уставот, а со тоа и името на државата. Политичкиот дијалог, односно убедувањето на пратениците да гласаат ќе продолжи откако иницијативата ќе влезе во собраниска процедура.

Откако ќе влезе предлогот во Собрание, пратениците имаат најмалку четири и пол, а најмногу шест месеци да ги усвојат или отфрлат измените.

Во најмалку две точки од уставните амандмани, покрај двотретинско мнозинство, ќе мора да се гласа и со Бадинтерово мнозинство, што значи дека од тие 80 пратеници што ќе речат „за“ уставните промени, 21 треба да бидат од другите етнички заедници.

Џафери ја отфрли можноста, откако ќе стигнат нацрт амандманите од владата, да може да се поднесуваат нови, како што е барањето за бришењето на „20 отсто“ за албанскиот јазик во Уставот. Потсети дека, ниту владата како иницијатор не може да предлага нов амандман кога ќе почне постапката, така што ги стави во купот на политички изјави сите барања и најави околу уставните промени што не се веќе договорени на експертската комисија. Државниот врв, според него, досега не разговарал за тоа што ќе се случи доколку не се усвојат измените.

Но, за ова прашање Мицкоски бара да се разговара на средбата на која беше поканет од премиерот.

Предлог измените во моментов се во Министерството за правда, каде се проверуваат од технички аспект, по што ќе бидат дадени на превод на албански јазик. Промените се во делот на Преамбулата, каде се додаваат неколку народи: бугарски народ, хрватски народ, црногорски народ, словенечки народ, еврејски народ и египќански народ. Торбешите, кои се 6.017 на број, што значи над две ипол илјади повеќе од Бугарите, не се на списокот, за што веќе реагираа од оваа заедница.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Албанија на второто место во светот по баратели на азил до 18 години на 10.000 жители

Дејан Дејан

Врховниот судија Наќе Георгиев уапсен за вмешаност во поткуп од 10.000 евра во врска со случајот на поранешниот градоначалник на Ново Село кој беше фатен во шверц на марихуана

Дејан Дејан

Седница на Судски совет на полноќ – ќе се одлучува за имунитетот на судијата Наќе Георгиев

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе