Вести Македонија Најважни

Позитивни мисли и празнични пораки за единство и обединување

Денот на Христовото воскресение ги обедини политичарите во вербата, добрите мисли и пораките за единство и обединување.

По утринската литургија во храмот Свети Климент Охридски, премиерот Димитар Ковачевски порача дека само кога сме единствени, можеме да напредуваме и да им оставиме квалитетно наследство на идните генерации.

Неговиот политички опонент, Христијан Мицкоски, исто така повика на заедништво, но во борбата за нови стандарди, за менување на работите, „за Македонија во која веруваме“.

И празничната порака на претседателот Стево Пендаровски се врти околу зборовите оптимизам и заедништво. Посакува „заедно да придонесеме за просперитет, напредок и благосостојба на нашата татковина“.

Во „подобро утре“ се надева и спикерот Талат Џафери, поттикнат од совпаѓањето на Велигденските и Рамазанските пости.

„Постевме заедно…Споделувавме ифтарски трпези…Само така потврдуваме на дело дека заедно можеме и да гладуваме и да јадеме, и да се насмееме и да си ги споделиме тешкотиите. Само така сплотени можеме да носиме одлуки кои ќе значат напредок и развој на Република Северна Македонија“, изјави Талат Џафери, претседател на собранието на Македонија. 

Празничното примирје во политичките активности е привремено и краткотрајно. Веќе во вторник, сите се враќаат на „жешките предизвици“.

Законите кои овозможуваат специјален статус на Бехтел и Енка во изградбата на коридорите 8 и 10д чекаат собраниска разврска. Продолжение на седницата не е закажано, некои комисии почнаа да ги работат, оние што се предводени од опозицијата молчат, а блокадата со над илјада и 100 амандмани веќе го стаса Законот за работни односи. Пратениците сепак прво ќе мораат да ги прераспределат работните тела и членството во нив со оглед на партиското прегрупирање на релација власт-опозиција.

По Велигденските неработни денови, ќе се знае и составот на Работната група која ќе го пишува текстот на уставните измени. Неизвесен останува експертскиот придонес. Професорките Беса Арифи и Елена Михајлова Стратирати како и тројца поранешни уставни судии ќе им се придружат на Денис Прешова и Маргарита Цаца Николовска. Се чекаат одговори и од други. Групата веќе брои 10 партиски претставници и тројца од институциите. Опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Левица,  Алтернатива и Беса е решена да остане надвор од овој процес.

Соња Николовска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Со лажни дијаманти измамил српски државјанин и му зел пари

Дејан Дејан

Парламентарни избори 2024 – изборна хроника 27.04.2024

Дејан Дејан

Пендаровски: Истите луѓе кои упаднаа во Собрание, сега бараат власт, нивната кандидатка за претседател најавува нивна амнестија

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе