Вести Македонија Најважни

Функционерите со повисоки плати, докторите со трошки – реагираат синдикатите

Денот на здравјето – 7 април. За медицинарите свечен чин. Си подадоа рака за успесите, поделија награди и признанија, но не ги заборавија и проблемите со кои се соочуваат секојдневно. Од месецов ќе ги добијат ветените зголемувања на платите – за докторите од 2,5% до 4% или две илјади денари плус, а за медицинските сестри три илјади денари.

Минимални суми, наспроти вртоглавите проценти кои се споменуваат за функционерите.

„Тоа е во делот на синдикатите и оние коишто се занимаваат со економијата во здравството. Тие треба да се позанимаваат со тоа, а не ние. Ги поттикнувам синдикатите и сите оние коишто треба да работат на тоа, за нашите плати да бидат поголеми, докторите да бидат задоволни и да не ја напуштаат државата“ – вели проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво.

За дел од синдикалците кои изминатиот период протестираа, преговараа и беа активни на терен – токму платите се една од најголемите болки на целиот систем.

Додека се чека исходот од тоа како надлежните ќе го истераат процесот со зголемувањето на платите и колку ќе им бидат повисоки – од Синдикатот на Клинички со порака до нив.

„Лекар специјалист во Клинички центар има сегашна плата во износ од 58 илјади денари. А, знаете дека шест месеци се бориме и бараме две и три илјади денари зголемување на платите за 2022 година. Крајно непочитување и ароганција од страна на властите е ако се дозволи вака високо покачување за функционерите“ – рече д-р Предраг Серафимовски, потпретседател на Синдикатот на Клинички центар.

Дел од функционерите меѓу кои пратениците први, добија повисока плата за последните осум дена од март, откако Уставен суд укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите.

Но, Меџити уверува дека е на страната на медицинскиот кадар.

„Тоа што го ветивме, деновиве ќе добие конечен исход и мислам дека од ова сите ќе бидат задоволни. Но, нема да застанеме тука. Ќе ги разгледаме сите финансиски можности. Еве излегуваме од економската и пост-Ковид кризата во државата, па ќе видиме што понатаму. Здравствените работници секогаш треба да имаат повисоки примања“ – порача министерот за здравство, Фатмир Меџити.

Додека траат превирањата околу платите, се јавија и дел од поранешните функционери. Екс-претседателот на Собранието, Вељановски, преку отворено писмо им укажа на сега актуелните пратеници, да си ги замрзнат платите и да не чекаат Владата да го направи тоа.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Хиперхлорирање на системот и тројно тестирање на водата во Гостивар, наложи Управувачкиот комитет

Sasko Dimovski

Среќа е што нема жртви во невремето – експертите апелираат да запрат импровизациите во градењето и да се проверат многу конструкции

Sonja Petrusevska

САД ќе објават договор што ќе ѝ овозможи на Саудиска Арабија да развива цивилна нуклеарна програма

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе