На четири дена пред крајниот рок за составување работна група што ќе ги пишува уставните измени, извесно е дека ВМРО ДПМНЕ и Левица нема да учествуваат во неа, ниту пак ќе се дозволи мешање на бугарската држава во целиот процес.
Претседателот Пендаровски го нарече скандалозно барањето на Софија да биде вклучена во менувањето на македонскиот Устав бидејќи тоа е внатрешно прашање за кое одлучува Собранието.
Вчера и МНР соопшти дека нема ниту можности ниту политичка волја за вклучување граѓани или институции од странство. Министерството тврди дека во Скопје не е пристигнато такво барање ниту се разговарало на оваа тема. Но, шефот на бугарската дипломатија Николај Милков за агенцијата БТА изјави дека имал кус разговор со колегата Бујар Османи и му соопштил дека Бугарија сака да биде дел од процесот на уставни измени.
Во меѓувреме, ВМРО ДПМНЕ и Левица излегоа со меѓусебни обвинувања околу бугарското влијание. Левица соопшти дека Ковачевски и Мицкоски тајно преговараат за хрватскиот модел кој треба да биде Тројански коњ во исполнувањето на Софиската платформа.
ВМРО ДПМНЕ ја обвини Левица за лажење. Тврди дека ниту имало тајни средби ниту се разговара за прифаќање на уставните измени под бугарски диктат. Ќе поднесат тужба за клевета доколку не добијат извинување.
ВМРО ДПМНЕ побара пресликување на Преамбулата од хрватскиот Устав и дефинирање на Македонија како држава на македонскиот народ и на малцинствата што живеат во неа. Претседателот Пендаровски смета дека концептот на мнозинства и малцинства е надминат уште во 2001-та со Рамковниот договор, а не се користел ниту во поранешна Југославија, кога имаше народи и народности. Опозициската Алтернатива побара именување само на македонската и на албанската нација или никого, со „држава на нејзините граѓани“. Владеачките партии очекуваат сите предлози да се расправаат во работна група и на јавна дебата.
Соња Николовска
