Вести Македонија

Подкастот кој стана злостор, одбраната за вината која почна со Сорос, смеата која го уби(ва) доброто

Надреална сцена, како од филмовите на Емир Кустурица кој само неколку мигови претходно беше спомнат од постариот учесник. Гостинот Драган Павловиќ Латас од една, помладиот домаќин на подкастот Стефан Лазаров од друга страна, во едно ќоше од видеото на интернет стои бројот за донации за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија, на масата палета пакетчиња бонбони, од време навреме излегува знак на производител на мебел од Виница.

Низ таква сцена провејува разговро со смеење, кој требало да биде мутиран, необјавен, исечен и прекинат.  Само тоа што требало да го направат двајцата ТВ водители кои се собрале заедно на подкаст за на Youtube- не го направиле. И од надреализам преминале во exploite жанрот, препонзатлив по сцени и дијалози на малтретирање пред се на жените. Но тоа сепак е филм, нешто напишано.

Разговорот или интервјуто се движи и преоѓа од тема детство на гостинот кон видео делчето за првото сексуално искуство. Гостинот раскажува дека нечиј син, моќник ги малтретирал девојките и им удирал шлаканици пред да има однос со девојките. Тоа било кога постариот гостин имал 15-тина години.

Помладиот водител наместо да прекине и да не ги срами родителите и спонзорите кои му даваат пари за да ги рекламира сака да го надмине во разметливоста гостинот и му се придружува со шокантна констатација.

-Ги шамара пред или после, и се смее нападно и на глас. Добива одговор „пред“ и ја засилува смеата и му дозволува на гостинот да раскаже квази мачо приказна. Дека натепаната девојка во фиќо (застава 750) со замаглени прозорци целата искривена и гола чекала, а тој добил наредба од синот на моќниот родител да влезе и да работи. Помладиот водител продолжува да се смее погласно и на следниот одговор кој го добива од искусниот гостин.

Видеото е објавено пред 4 дена на Youtube каналот на младиот, пред да се случи протестот пред МВР после уште еден нерешен напад врз девојка кој се случил во такси. Полицијата не го фати таксистот, а тој веќе избегал од државата.

Видеото беше долго, гостинот е поранешен телевизиски водител познат по изреката дека по насока на владата на Груевски правел и уредувал вести со префикс од народен збор за презерватив за ТВ куќата во која работел. Имаше некогаш и емисија Профил, а подоцна профил како обвинет доби ии во еден предмет на СЈО за злоупотреби при изградба на пространа викенд куќа во Зелениково.

Лавина реакции на социјалните мрежи и осуда од Здруженијата за човекови права за интервјуто на јутјуберот Стефан со Драган Павловиќ – Латас

Првично почна по социјални мрежи за нешто што е кажано и прераскажано во овој подкаст нешто што во кривичната материја се класифицира како силување. Но подоцна го погледаа и активисти, бранители на човекови права, борци за заштита на немоќните, феминистки и многу нормални луѓе кои сигурно никогаш не знаеле за вакво мултимедијално остварување на помладиот домаќин кој од срце се смееше како жена била тепана во тесно фиќо со замаглени прозорци.

Првата поголема реакција стигна од Хелсиншкиот комитет за човекови права, осуда за фалбите за силување во јавен простор.

-Неодамна објавеното интервју од јутјуберот Стефан Лазаров каде неговиот гостин Латас споделува дека тој и неколку другари на 15 годишна возраст злоставувале и силувале девојка е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените жртви на насилство. Во видеото, кое веќе има над 50 илјади прегледи, за двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса излгеда нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците, оцени ХК.

Од Хелсиншки сметаат дека „таа култура, им дава ветер во грб на насилниците, кои не само што продолжуваат да живеат нормално, туку и да бидат славени како „вистински мажи” и победници.“

-Истата таа култура ги осудува жртвите, праќајќи им јасна порака дека системите на поддршка се речиси непостоечки. На оваа култура мора да и се стави крај, јасно и гласно, ако јавната осуда е единствено оружје кое го имаме на располагање, соочени со систем кој очигледно не знае и не сака да се справи со родово базираното насилство, заклучува Хелсиншкиот комитет за човекови права.

Во многуте коментари за случката имаше осуди, прашања како двајцаа водители би реагирале доколку ним блиско женско лице е „шамарано“, но имаше и доста оправдувања и минимизирање на изречените зборови.

Се јави и постариот водител кој претходно се претставуваше како спореден лик со активно учество во сцената со фиќото и претепаната жена. За цунамито од реакциите го обвини и Сорос, а во објавата не негираше дека навистина имал работа со претепана жена.

-Поштовани соросоиди што лажно се претставувате под фирма на славниот Хелсиншки комитет кој одамна не постои. Согласно своите стандарди и вредности за лажно претставување на работите и стигматизација на ваши неистомисленици, видено стотици пати досега, и сега сте во истиот фазон. Не постои моја изјава, никаде и никогаш, за силување особено не на кое јас сум присуствувал. Значи, нема ни во посочената емисија, подкаст, кој е најпопуларен во државава а замисли се уште не е под ваша контрола, коментираше Драган Павловиќ Латас под постот на ХК и собра дваесетина лајкови и подржувачи на неговата вешто раскажана приказна за натепаната жена и другарот- син на моќен татко што ја тепал пред да има односи.

Се јави и помладиот водител- домаќинот Лазаров кој се смееше на раскажаното злосторство на постариот. И тој смета дека силување не се спомнало и дека неговата емисија е многу гледана,, а сите кои го знаат, знаат дека се бори за жените. Во реакциите гледа хајка поради неговиот успешен проект.

-Во мојот подкаст Латас раскажа ситуација од своите средношколски денови и во ниту еден момент не кажа дека некоја девојка била СИЛУВАНА! Жално е што се дига лажна хајка и се оцрнува моето име и се она што го работам изминативе години. Не би сакал да навлагам во детали, но кога некој покренува иницијатива со вакви сериозни обвинувања, фер е да се изгледа видеото и да се види дека ситуацијата била сосема поинаква и не станува збор за силување. И јас имам и мајка, сестра, девојка, баба и многу пати пак , ќе повторам , сум зборувал за еднаквост!, посочи Лазаров во својот пост на ФБ преку кој тврди дека  е „за еднаквост, поддршка и љубов помеѓу мажите и жените и никогаш не сум дискриминирал ниту пак сум подржувал изживување врз женскиот род.“

Во видеото кое е постирано на неговиот канал секако погледнато од над 57 илјади луѓе си стои делот како се смее кога потпрашува дали другарот на Латас, девојките ги шамарал пред или после. Тоа е сосема спротивно на она за што тврди дека се залага односно дека не подржувал изживување врз женскиот род.

Тврди и дека не било спомнато силување или силувана. И во мафијашките релации и разговори, нарачателите на злосторот не велат дека бил убиен должникот туку користат фрази како „пакетот е испорачан“. Но тоа не е доказ дека немало убиство.

Во 21-от век, еволуираните човечки суштества за чин на силување сметаат дека е секој однос со кажано „не“ и со употреба на физичка сила. Во Кривичниот законик пак стои дефиниција што е силување:

-Тој што друг со употреба на сила или закана дека непосредно ќе нападне врз неговиот живот или тело или врз животот или телото на нему блиско лице, ќе го присили на обљуба, ќе се казни со затвор од три до десет години, гласи првиот став од членот 186 во КЗ.

Ако на момент го искористиме согледувањето на насмеаниот Стефан, тогаш ни во членот кој го опишува правното дејствие потребно за нешто да стане кривично дело „силување“ не спомнат воопшто зборот силување. А во работата на обвинителството има многу такви случаи и истраги.

Секако и стариот водител и младиот домаќин добија и подршка што покажува дека во општеството навистина има луѓе кои го користат правото на слободна мисла, без разлика што мислата им е заснована на правно незнаење, неинформираност, па и неизживеаност. Но имаше и многу луѓе кои го подржуваа повикувајќи да се погледне целото видео за да се донесе соодветен заклучок односно да не се осудува прерано водителот кој се смееше на морбидните експлоататорски мисли на гостинот.

Повикот за гледајте го целото е навредлив за оние што го изгледале непотребниот разговор на двајца мажи за жена која е шамарана пред однос во тесно фиќо.

Но повикот гледајте го целото видео е ефикасен иако расипан маркетиншки трик. Со повеќе гледања, Youtube бројките ќе вртат и ќе носат нови пари на сметката на недостојниот подкаст кој стана злостор. А основата на цивилизираното правно општество е дека злосторот не смее да му носи корист на никој, освен на државата и жртвите.

Миомир Серафиновиќ

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Туфегџиќ во „Топ тема“: Завршена е истрагата за таткото на Вања

Дејан Дејан

Прифатени нерегуларностите на изборите за гласачки места во Крушево и Долнени, се одлучува по останатите

Дејан Дејан

Во Шведска зголемена безбедноста на израелските претставништва

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе