ФЗО речиси и да немал никаква заштита во моментот кога се случил хакерскиот напад и пробивањето на системот бидејќи Фондот избрал нова фирма која требало да го одржува и штити информатичкиот систем и се вршел трансфер на податоци па затоа била спуштена заштитата т.н. „фајервол“ а претходната фирма немала направено бекап на податоците, дознава „Телма“. Станува збор за два огромни пропусти од двете фирми кои никој во Фондот, не ги увидел.
Хакерите тоа вешто го искористиле и откако упаднале во системот ги заклучиле податоците а тоа го потврди и премиерот Ковачевски кој кажа дека станува збор за „ренсомвер“ односно откуп за пристап до информации.
Кога станува збор за „ренсомвер“ по дефиниција хакерите бараат голема сума на пари за да дозволат пристап до податоците, во овој случај на здравствените осигуреници, и бараат исплата во криптовалути за да дополнително да ги прикријат трагите.
За пропусти во раководењето и менаџирањето на информатичкиот систем во ФЗО е нотирано и во извештајот на државниот ревизор објавен минатата недела
„Не се донесени ИТ стратегии за развој на информацискиот систем, заштита на податоците и функционирање на системот по евентуални катастрофи. Секторот за ИТ, во последните години се соочува со перманентен одлив на вработени. Серверската структура во систем салата на Фондот е застарена и целосно амортизирана како резултат на непрекинато работење и не е во можност целосно да одговори на моменталните потреби на Фондот, особено што не е обезбедено одржување, ниту секундарна локација на истата. Не е функционален набавениот софтвер, со кој било планирано да се обезбеди целосно поврзување и интегрирано преземање на податоците од различните апликации. Поради наведеното за дел од трансакциите се прават рачни анализи и евиденции“ – се вели во извештајот на државниот ревизор.
Директорите Ахмети и Филиповска Грашковска и понатаму не се појавуваат во јавноста за да соопштат детали и целата комиуникација се одвива преку сооштенија со штури податоци.
Во последното соопштение испратено утрово од ФЗО стои дека податоците се безбедни односно не се украдени и стојат во базите на Фондот што е само делумна вистина, бидејќи Фондот нема пристап до нив.
Затоа и се поставува прашањето околу точноста на тврдењето од Фондот бидејќи никој со сигурност не може да каже што се случува со податоците изминатите недела дена и дали се злоупотребени.
Огнен Чанчаревиќ
