Вести Култура Македонија

Реакции по објавената листа на одобрени проекти од Министерството за култура: Дискутабилни критериуми, кои траат во континуитет

Дискутабилни критериуми, кои траат во континуитет. Веќе сме уморни да реагираме на небулозни одлуки, велат уметниците за  одобрените проекти кои ги објави Министерството за култура.

За Петар Андоновски, добитник на „Европската награда за литература“ и наградата „Роман на годината“, чии дела се преведени на десетици јазици збунувачки е дека новиот роман со кој конкурирал е одбиен, додека превод на неговиот роман „Страв од варвари“ преведен на албански јазик е поддржан. Романот ќе го објавам и без поддршка на министерство, вели тој.

„Според кои критериуми превод на друг јазик се смета за национален интерес, а книга напишана на македонски јазик не е дел од национален интерес.Очекувано беше дека нема да поминам уште на почетокот на годината кога гостував во вашата телевизија јас реков дека шансите да не добијам се многу големи. Причините се јасни класична освета на министерката за култура за сите оние критики јавни од моја страна минатата година. И наместо да се занимаваме со тоа што треба ние писателите да се занимаваме со пишувањето, ние се занимаваме со суетна министерка. Но и многу посуетни министри пред неа се обидувале да не замолчат, но не успевале“ – вели Андоновски.

Револтиран сум гледајќи ги резултатите и невозможно е да се сублимира тоа понижување.

За урбаната музика и независните културни работници сето ова е демотивирачки, вели публицистот и автор на македонската рок енциклопедија Тошо Филиповски.

„Одбивам да полемизирам на ваков начин со замислени министри и министерки кои удобно заседнати во своите фотељи одлучуваат за нашите проекти. Просто немаат кредибилитет да оценуваат што е национален интерес во културата и не ја чувствуваат културата во сета нејзина шареноликост и убавина. Мене нема да ме поколебаат да продолжам да ја забележувам музичката историја на мојот народ низ изложби плочи или предавања, но никогаш нема им простам на министрите или министерките кои ја понижуваат нашата културна меморија“ – изјави публицистот Тошо Филиповски..

Минимални  средства за Здружението на џез музичари, но ниту денар за Биг бендот на ЗЏМ  кои имаа концерти со Франческо Берцати,  Луиз Бонила, Рамбо Амадеус и Курт Елинг.

„Нејасно е како комисијата или Министерството го има изземено постоењето на Биг Бендот за оваа година. Со оркестар кој што има веќе добиено награда од СОКОМ, има настапувано со три добитници на ГРЕМИ и надвор од Македонија, во Загреб и Тирана“ – тврди Гоце Стефковски од ЗЏМ.

Според Министерството за култура програмата е донесена по професионални критериуми.

Комисиите кои одлучуваа по пријавите по дејности, останаа доследни на принципите: квалитетот на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за  ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост“ велат од Министерство за култура.

Секој апликант кој има забелешки на резултатите, против решението може да изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од 15 дена од денот на приемот на решението, стои во дописот на надлежното министерство.  

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тодоров: СДСМ покажаа епохална неспособност за нормално функционирање на државата

Дејан Дејан

ОДИХР со позитивна оценка за изборниот процес сепак имаат забелешки за негативната кампања

Дејан Дејан

ДИК: Нема да има прегласување на трите гласачки места во Куманово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе