Вести Македонија Најважни

И Мијалков на слобода за Нова Година, од затворот во Струга велат викендот му следувал

Сашо Мијалков си добил слободен викенд од затворот во Струга каде од август издржува тригодишна казна за случајот „Империја“.

Викендот не му бил прв на слобода, а овој му се погодил таман за пречекот на Новата година кој беше исполнет со густа магла и млака новогодишна забава под прозорците на неговиот хотел Мериот.

Од Управата за извршување на санкции потврдуваат дека викендот му бил доделен и го користел од четврток 29-ти декември до недела навечер на први јануари.

Директорот на затворот во Струга Ваљон Ќира телефонски ни изјави дека викендот е во рамките на правата на затворениците и дека како и на другите затвореници во отворениот струшки затвор така и на Мијалков му следуваат по еден слободен викенд месечно и 20 дена годишен одмор.

Директорот тврди дека сите погодности кои ги имал Мијалков со слободни денови му се законски доделени и не се привилегии туку права на осудениците кои се зад решетки.

Мијалков денеска се појави односно беше донесен на рочиштето за „Титаник 2“ во скопскиот кривичен суд.

Во предметот кој е на трето судење, тој е обвинет за изборни нерегуларности на изборите 2013-та кога во општините каде победуваше тогаш опозиционата СДСМ, власта на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски се обидуваше да ги поништи нивните победи.

На судењето обвинети се и Мендух Тачи, лидерот на ДПА, што значеше дека денеска во судницата имаше двајца македонски политичари кои од различни причини се ставени на американската црна листа на санкции.

Двајцата политичари заедно со уште 4 тогашни членови на Државната изборна Комисија, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска се обвинети за злоупотреба на службената положба бидејќи СЈО оцени дека нанеле штета на буџетот со тоа што договориле поништување на повеќе избирачки места.

Процесот почнува веќе трет пат, а на денешното рочиште се слушаше повторно бомбата која не беше објавена од Заев. На неа Радмила Шекеринска и Фатмир Бесими разговараат за изборите и за гласањето во ДИК за општините Куманово и Центар.

Шекеринска му вели на Бесими дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги поништи сите изборни победи на опозиционата СДСМ на локалните избори и бара ДУИ преку членот во ДИК Субхи Јакупи да не дозволи таква опструкција и да гласа принципиелно.

Со поништување ќе добиеме црвен картон од Европа, а сега веќе имаме портокалов поради лошите избори, му велеше Шекеринска на Бесими на овој разговор кој е дел од материјалите-бомби и беше објавен на Фејсбук профилот Ел Чека на 13-ти октомври 2019-та.

Обвинетиот Бедредин Ибраим смета дека бомбата покажува дека ако Тачи и Мијалков се обвинети за исто треба да бидат обвинети и Бесими и Шекеринска.

На денешното рочиште, сите обвинети се пријавија за распит освен Мијалков, а од тоа право се откажа и Мендух Тачи. Одбраната предложи нови докази, а судот на 12-ти јануари ќе ја каже одлуката дали ги прифаќа или ќе премине на завршни зборови.

Делото од „Титаник 2“ на Мијалков му застарува на почетокот на април.

Другите пресуди против него беа поништени од скопскиот Апелациониот суд. За предметот „Трезор“ веќе е закажано рочиште на 15-ти февруари, додека за „Тврдина Таргет“ и масовното прекршување на човекови права со нелегално прислушување,

Апелациониот суд уште не ја доставил својата одлука за „Тврдина-таргет“ до кривичниот суд иако ја поништи пресудата пред точно еден месец.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Се урна хеликоптерот на иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Мицкоски: По прегласувањето во ИЕ 5 очекуваме обезбедување двотретинско мнозинство

Дејан Дејан

Исчезна хеликоптерот со кој летал иранскиот претседател Ибрахим Раиси

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе