Само една минута по полноќ, додека сите прославуваа и ја честитаа Новата година, на Гинекологија се роди Ване, првото машко бебе во 2023 година. Годинава ќе биде плодна и бериќетна бидејќи вработените во ГАК имаа полни раце работа. По Ване се родија уште три бебиња, две девојчиња и едно машко.
Во кафулиња, ресторани и во домовите луѓето ја испратија 2022 и ја дочекаа 2023-тата година , но 22-ца, славејќи ја минаа границата на својата издржливост па влегоа во статистиките на Клиниката за токсикологија. Најголем дел од пациентите се малолетници, најчестата причина алкохол а во неколку случаи родителите биле тие кои повикале итна помош или пак ги донеле во клиниката.
Од брзата помош со полни раце работа, полицијата задоволна – синоќа било мирно и споредено со лани за 30 отсто помалку случаи и пријави.
На градскиот плоштад, во режија на група естрадни уметници но не и на градоначалничката Арсовска се одржа пречекот на Новата година а до раните утрински часови се славаше и во кафеаните, рестораните, дискотеките и кафулињата.
Во Дебар Маало продолжува традицијата за прослава на Нова година.
Симона Петровска
