Проектилите кои експлодираа вчера на територијата на Полска најверојатно не биле истрелани од Русија, изјави американскиот претседател Џо Бајден, смирувајќи ги тензиите од можна ескалација на војната во Украина во судир меѓу НАТО и руската федерација.
„Господине Претседател, дали е премногу скоро да се каже дали проектилите биле истрелани од Русија?“ – беше прашан Бајден од новинарите.
„Имаме прелиминарни информации кои го оспоруваат тоа, не сакам да кажам дефинитивно додека немаме целосна истрага. Малку е веројатно, земајќи ја предвид траекторијата дека биле истрелани од Русија, но ќе видиме, ќе видиме“ – одговори американскиот претседател.
Двајца луѓе беа убиени во експлозијата на двата проектили на фарма во близина на границата меѓу Полска и Украина. По веста за жртвите во Полска, синоќа почна лавина вести дека руски проектили нападнале цели во членка на НАТО, итно беа закажани седници на националните совети за безбедност на Полска и Унгарија, се споменуваше членот 5 на повелбата на Северноатлантската алијанса, кој наједноставно може да се опише со зборовите:„сите за еден, еден за сите“, односно ако е нападната една членка на НАТО, нападнати се сите.
Полска реши да ја зголеми борбена готовност на својата армија, најави дека може да побара пошироки безбедносни консултации во алијансата.
„Прво, одлучивме да ја зголемиме борбената готовност на одредени единици на вооружените сили на Полска, со посебен акцент на набљудувањето на воздушниот простор. Тоа се спроведува и ќе биде спроведено на засилен начин заедно со нашите сојузници. Второ, вршиме анализи и консултации со нашите сојузници во поглед на можното повикување на членот 5 на договорот од Вашингтон, односно членот кој доведува до консултации во рамките на НАТО“ – изјави полскиот премиер Матеуш Моравиецки.
„Најверојатно, тоа беше ракета од руско производство, но сето ова е се уште под истрага“ – додаде претседателот на Полска.
Руско производство во регионот на источна Европа и поранешниот Советски Сојуз не значи автоматски и истрелана од Русија. Она што секако е многу веројатно е дека доколку проектилите не биле истрелани од Русија, тогаш станува збор за залутани против-воздушни ракети кои ги лансирала Украинската армија, очајнички обидувајќи се да се одбрани од страотниот руски ракетен бараж врз градовите и енергетскиот систем на земјата.
Украинскиот претседател Зеленски вчера веднаш ја обвини Русија дека го нападнала НАТО. Во согласност со својата стратегија да се одбрани од разорното уништување на индустриските и енергетските капацитети на својата земја, преку интернационализирање на војната, Украинскиот претседател и денеска вината ја лоцира во бруталната агресија на Москва.
„Вчера на нашиот самит, сите зборуваа за тоа како да се заврши Руската војна. Рускиот претставник дури имаше коментари а потоа речиси 100 руски проектили ја погодија Украина. Уништија станбени згради. Уништија и електрични централи. Стотици градови беа оставени без струја, вода и греење. Интернет сообраќајот падна за речиси 2/3-тини – замислете колку е тоа. За жал, има и човечки жртви и тоа не само во Украина. Руските проектили паднаа и на територијата на соседна Полска вчера. Потребен е брз одговор“ – вели украинскиот лидер Зеленски.
Велика Британија и најголем дел од останатите членки на НАТО сметаат дека истрагата допрва ќе треба да утврди кој ги истрелал ракетите, но сепак одговорноста се лоцира во Русија, чија жестока кампања на ракетни напади синоќа остави над 10 милиони Украинци без струја, греење и вода, пред доаѓањето на зимата.
Никола Илиевски
