Ракомет Спорт

Лазаров: Алкалоид е вистински проект за мене, чест е работам во Македонија

Новиот член на ракометната Супер лига, Алкалоид денеска ја одржа официјалната промоција за дебитантскиот настап во елитното ракометно друштво во Македонија.

На чело на екипата ќе биде најдобриот македонски ракометар на сите времиња, Кирил Лазаров, кој по завршувањето на играчката кариера целосно ќе се посвети на ангажманот во клубот.

“Чест и задоволство ми е што ќе работам во мојата Македонија, мојата родна земја и ќе пробам со моето знаење и искуство што го стекнав годиниве низ светот, да го пренесам овде во Македонија. Чест е што во раце ќе имам ваков посакуван проект. Не се двоумев воопшто дали да ја прифатам поканата на РК Алкалоид. Со многу желба и ентузијазам влегов и ветувам дека ќе дадам се за добро не само на РК Алкалоид туку и на ракометот и спортот во Македонија. Вакви концепти треба да се поддржуваат. Што повеќе вакви концепти има ќе биде подобро за нашиот спорт. Ние како РК Алкалоид посакуваме да има повеќе вакви концепти во Македонија, бидејќи тоа е клучот за создавање квалитетни национални состави. Знаеме колку си ја сакаме репрезентацијата и државата и затоа вакви проекти се потребни. Ние сме млад и нов тим. Има многу играчи кои не знаат како изгледаат натпревари кои треба да се добијат во градови и сали во кои колку и да си добар тешко е да се победи. Јас лично имам високи амбиции како и секогаш, но ќе одиме чекор по чекор”, изјави Лазаров.

Досегашниот тренер на екипата, Љубомир Савевски ќе ја врши функцијата спортски директор, а Горан Минов го образложи планот на развој на клубот.

“РК Алкалоид е долгорочен и амбициозен проект. Започнавме минатата сезона и експресно влеговме во првата лига. Наша основна цел ќе биде воведување нови и современи модели на ракометната игра. Подигнување на квалитетот на тренинзи и создавање нови македонски ракометари. Минатата година процесот го започнавме со Љубомир Савевски кој и понатаму останува во клубот како спортски директор. Во оваа сезона го ангажиравме Кире Лазаров кој целиот свој живот го даде на ракометот. Тој ќе им помогне на младите ракометари да израснат во вистински шампиони”, изјави Минов.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ФОТО галерија: Вардар повторно подобар од Алкалоид, остана во трката титулата

Дејан Дејан

Одбојкарите во Струмица ги стартуваа подготовките за Златната лига и евроквалификациите

Desk

Лунин останува во Реал Мадрид до 2028 година

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе