Пет опозициски партии во Црна Гора предводени од Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ денеска до Собранието поднесоа барање за гласање недоверба на владата на Дритан Абазовиќ, по потпишувањето на Темелниот договор со СПЦ. Вкупно 36 пратеници застанаа зад ваквата иницијатива.
Како што се наведува во заедничкото соопштение, причината за поднесување на предлогот е отсуството на резултатите на Владата во однос на спроведувањето на оние приоритети кои беа утврдени при нејзиниот избор, „а кои се однесуваат на реформата на правосудниот систем, зајакнување на системот на владеење на правото, интензивирање на процесот на европска интеграција, консолидација на економската политика во земјата и реорганизација на здравствениот систем во услови на тековната пандемија на коронавирус“.
Игнорантското однесување на премиерот Дритан Абазовиќ кон ставовите на најважните научни институции во земјата, како и истакнати експерти и граѓански организации, ставајќи ги односите со СПЦ во преден план, неговото неодговорно однесувањето доведоа до пораст на тензиите во општеството и до непоправлива загуба на време потребно за квалитетно исполнување на обврските од европската агенда. Оваа Влада го загуби легитимитетот, се вели во соопштението.
Се додава дека на крајот од образложението на предлогот е заклучено дека, „поради сето наведено, а со цел заштита на виталните државни интереси на Црна Гора и зачувување на шансата земјата да тргне по патот за европските интеграции, неопходно е поднесување иницијатива за гласање недоверба на 43-та Влада на Црна Гора“.
За изгласување недоверба на Владата во Собранието потребно е мнозинство од вкупниот број пратеници – 41 глас. Тоа значи дека потписниците на Иницијативата ќе треба да бараат поддршка од уште најмалку пет пратеници.

