Софија и натаму не го признава македонскиот јазик. На официјални настани има новинари и функционери кои го нарекуваат таканаречен.
Водител на брифинг: Повелете, Александар Марков, Бугарска национална телевизија.
Марков, новинар во БНТ: Здраво. Благодарам. Може кој ќе реши да одговори. Прави ли Бугарија некаква отстапка по однос на таканаречениот македонски јазик?
„Бугарија направи отстапки по однос на позицијата за официјалниот јазик на Република Северна Македонија. Целосно е во согласност со решението на Народното Собрание. Како што знаете во билатералните односи Бугарија не го признава таквиот официјален јазик. Тоа, пак е поспецифично во контекст на останатите 26 земји членки на ЕУ кои имаат сопствена позиција и на никаков начин не можеме да ги задолжиме да ја користат нашата позиција“ одговори Теодора Генчовска, министер за надворешни работи на Бугарија на брифингот после потпишаниот протокол.
Од тамошното МНР тврдат дека нивната унилатерална позиција ќе биде доставена и во комитетот Корепер.
„Важно е дека ниту еден документ кој ќе биде дел од пристапувањето на РС Македонија во Европската Унија не може да се сфати како признавање на Бугарија за такнаречениот македонски јазик. Ова е јасно опишано во едностраната декларација која Бугарија ќе ја претстави за време на КОРЕПЕР во понеделник“ рече Велислава Петрова, заменик министер за надворешни работи на Бугарија.
На прашањето за овој бугарски навредлив речник за македонскиот јазик, Османи не даде директен одговор. Посочи само дека целта е бугарскиот став за јазикот, да не се пренесе на ниво на ЕУ.
Османи посочи и дека договорот со Фронтекс ќе биде потпишан на македонски. Рече дека не било точно дека македонскиот јазик не бил оспоруван во ЕУ. Освен што јазикот го немало во Унијата, не било можно да се потпише договор со ЕУ на македонски.
А сега вели Османи ќе биде и потпишан првиот договор на земјава со Фронтекс и тоа на македонски.
Ирена Чачкова
