Вести Македонија Најважни

Како течеше гласањето „за“ францускиот предлог –ВМРО-ДПМНЕ со нотарски изјави гарантира дека Уставот нема да се смени

Со 68 гласа за, и без ниту еден против откако опозицијата ја напушти собраниската сала, „францускиот предлог“ помина во Собранието со аплауз и заклучок до владата што да прави во преговорите за членство во Унијата.

ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш потврди, ова е предавтсво,  уставните измени нема да ги подржат под бугарски диктат, а нивните пратеници потпишаа нотарски изјави за таа заклетва.

Третиот ден од разгледувањето на информацијата за преговарачка рамка помина многу помирно и заврши побрзо, иако не изостанаа навреди и вувузели.

Опозицијата ги обвинуваше оние што ќе гласаат „за“, а се Македонци дека се предавници и одроди.

Пратеници од СДСМ имаа само две реплики, кои беа надгласувани со свирежи.

Како што одминуваше расправата, навредите кон владеачките пратеници се зголемуваа, а имаше и обраќања кон ЕУ амбасадорите кои беа гости на седницата.

Главниот судир беше меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Две пратенички од ВМРО-ДПМНЕ со обидоа да влезат во конфликт со колешка од СДСМ. Но заврши мирно.

Дискусијата, премиерот Ковачевски ја следеше со книгата „Миротворци“ од Џејмс Пердју за решавање на балканските конфликти заедно со македонската 2001-ва. За гласање стигна и Али Ахмети. По завршување на дискусиите, Дафина Стојановска процедурално порача дека предлогот требало владата да го потврди, а не да бара алиби во Собранието. Опозицијата си замина кинејќи ја информацијата. А пратеник од СДСМ за првпат имаше можност да зборува без вувузела поддршка.

Гласаа 68 од 69 присутни. Од владеачката коалиција, Павле Трајанов замина пред гласањето, а Маја Морачанин од ДОМ воопшто не дојде.

Опозиционерите се упатија во седиштето, каде партискиот лидер Мицкоски порача дека ова е втор дел од предавството за Бугарија и асимилација по бугарски терк.

Ги покажа нотарските изјави на пратениците дека нема да ги гласаат уставните измени, што е обврска за отпочнување на преговорите.

За Бујар Османи рече дека одработува за туѓи интереси, мислејќи на Албанија што подоцна потврди низ одговор на новинарско прашање.

Рече долг е патот на враќањето, а за сите оние кои го поддржале францускиот предлог вети дека ќе одговараат за предавство.

Му се заблагодари на народот кој со денови протестираше и покрај се и најави долг пат кон поништувањето на она што денес е направено.

Без прецизни детали за плановите, навести дека благовремено ќе бидеме информирани. А во Собранието, продолжи расправата за ребалансот на Буџетот.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Ограничениот напредок во заштитата го става Охрид на Листата на светско наследство во опасност

Дејан Дејан

Скендербег, Мисирков, Мајка Тереза се меѓу новите имиња на улици во Тетово

Sasko Dimovski

Братучед полицаец не ѝ помогнал, сведочеше жртва од пожарот во „Пулс“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе