Собранието ја презема одлучувачката улога. Работни групи утре ќе го разгледуваат францускиот предлог и ќе се обидат да усогласат заеднички заклучоци. По средбата со претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, премиерот Ковачевски најави дека сите европски документи што веќе се објавени, плус билатералниот протокол со Бугарија, ќе бидат испратени во Собранието заради натамошно одлучување.
Во работната група ќе бидат вклучени по двајца пратеници од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ, по еден од ДУИ и од Алијанса за Албанците, плус еден претставник на помалите партии од Владата. ВМРО-ДПМНЕ се надева дека ќе придонесе за подобрување на текстот заради заштита на македонскиот идентитет.
Од Демократскиот сојуз велат дека работната група веќе е формирана и стигнала до некакви нацрт заклучоци.
Утрешниот ден ќе биде посветен на координации, средби и подготвување заклучоци. Се очекува во четврток Собранието да одржи пленарна седница и да ја разгледа информацијата од Владата, но и да гласа по заклучоците кои треба да ги апсорбираат различни партиски ставови, според кои: СДСМ, ДУИ, Алијанса и БЕСА го прифаќаат францускиот односно европскиот предлог бидејќи ги затвара идентитетските и јазичните прашања, и отвара преговори со унијата, а ВМРО-ДПМНЕ и тројката помали владеачки партии го отфрлаат бидејќи води кон бугаризација и негирање на македонската самобитност.
Соња Николовска
