Јапонската Влада планира да обезбеди помош за Авганистан, изјави владиниот портпарол по катастрофалниот земјотрес каде што загинаа најмалку илјада Авганистанци.
Заменик-секретарот на кабинетот Сеиџи Кихара на редовната прес-конференција рече дека владата ги координира потезите за „брзо да ја обезбеди потребната поддршка“ и ја проценува ситуацијата за да се справи со локалните потреби.
Во земјотресот со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала рано во средата во Авганистан загинаа 950 луѓе, а повеќе од 600 се повредени, соопштија властите, додавајќи дека бројот на жртвите се очекува да се зголеми како што пристигнуваат информации од оддалечените планински села.
Фотографиите во авганистанските медиуми покажуваат куќи претворени во урнатини додека телата завиткани во ќебиња лежат на земја.
Спасувачките напори вклучија хеликоптери за транспорт на повредените и испорака на лекови и храна, рече претставникот на Министерството за внатрешни работи Салахудин Ајуби: „Бројот на загинатите веројатно ќе се зголеми бидејќи некои села се во оддалечените планински области и ќе биде потребно извесно време за да се соберат податоци“.
Земјотресот во средата беше најсмртоносниот од 2002 година. Епицентарот беше на околу 44 километри од југоисточниот град Коста, во близина на границата со Пакистан, соопшти Американскиот геолошки институт.
