Венецуелскиот претседател Николас Мадуро, кој е на турнеја на Блискиот Исток, вчера се сретна со емирот на Катар, јави Асошиетед прес. Шеикот Тамим бин Хамад ал Тани објави фотографија од двајцата на социјалните мрежи, велејќи дека „се разговарало за изгледите за зајакнување на соработката меѓу двете земји на различни полиња за доброто и интересот“ на двата народа. Разменивме мислења и за најважните регионални и меѓународни прашања, додаде тој.
Мадуро, исто така на социјалните мрежи, на сличен начин се огласи за неговата посета на Доха. „Работиме на изградба на мапа на соработка во име на благосостојбата на венецуелскиот народ и на унијата и братството меѓу државите“, напиша тој.
Катар е главен извозник на природен гас и е домаќин на Светското првенство на ФИФА оваа година.
Пред да пристигне во Катар, Мадуро го посети Иран кон крајот на минатата недела, каде што се сретна со врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и замина во Кувајт богат со нафта. Венецуелскиот лидер е на турнеја на Блискиот Исток, откако американскиот претседател Џо Бајден одлучи да не го покани на самитот на двете Америки, кој започна минатиот четврток. Мадуро ги посети и Алжир и Турција.
