Вести Свет

Без конкретни чекори од Шведска и Финска, Турција нема да го смени ставот за нивното членство во НАТО

Зголемување на испораката на оружје за Украина и членството на Шведска и Финска, се главни теми на дводневниот министерски состанок на НАТО во Брисел. Пред состанокот, кој пак се одржува на две недели пред Самитот на алијансата во Мадрид, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека неговата земја нема да го смени ставот за членството на двете нордиски земји се додека не види конкретни чекори од Стокхолм и Хелсинки.

Дефинитивно нема да има промена во нашиот став се додека Шведска и Финска не преземат јасни, конкретни и одлучни чекори во борбата против тероризмот, порача Ердоган.

Анкара ги обвинува двете северни земји за поддршка на курдските милитанти, кои Турција ги смета за терористи. Пред турската блокада во алијансата владееше оптимизам дека процесот на пристапување на двете земји ќе се одвива брзо. За Генералниот секретар на алијансата, Јенс Столтенберг, прашање на време е кога двете нордиски земји ќе станат членки, иако не сакаше да предвиди временска рамка.

Бидејќи се додека Турција не ги изрази свооите забелешки, немавме причини да се сомневаме дека ова ќе биде проблем за НАТО сојузниците. Потоа некои проблеми беа изнесени на маса и затоа ќе биде потребно малку повеќе време. И ние мораме, секако, да ги решиме овие забелешки, овие проблеми, и токму тоа го правиме, рече Столтенберг.

Насочувајќи го вниманието повторно кон Украина, која итно бара од сојузниците артилерија со висок дострел, Столтенберг потврди дека алијансата ќе продолжи да ја помага, но и најави дека таа помош ќе биде зголемена по НАТО самитот во Мадрид.

Очекувам дека на самитот, НАТО сојузниците ќе се согласат за сеопфатен пакет за помош на Украина, долгорочна помош за транзиција од советска опрема во модерна НАТО опрема, и да се подобри интероперабиноста со НАТО, рече генералнито секретар.

Покрај ова, на дводневниот министерски состанок ќе бидат разгледани и плановите за дополнително воено зајакнување на источното крило на НАТО. Одговарајќи на обвинувањата од Москва дека токму алијансата е виновна за зголемувањето на тензиите со трупање војска во Источна Европа, Столтенберг изјави дека Договорот за воспоставување на односи, соработка и безбедност од 1997 година, помеѓу Русија и НАТО, не ја спречува алијансата да распоредува војска во Европа. Но, и дека Русија повеќе нема право да се повикува на него, затоа што со инвазијата на Украина таа се повлекла од него.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(видео)Димитриевски: Советниците и пратениците кои станаа независни треба да го вратат мандатот

Дејан Дејан

(видео)Оштетена железничката инфраструктура – од електровлечната подстаница Драчево украдена опрема вредна пет милион евра

Дејан Дејан

(видео)Органодарителството спасува живот – мора да биде доброволно

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе