Вести Македонија

Јакимовски од Карпош ги прогласи за непријатели досегашните партнери Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ

Обиди за рекет, изживување и закани со затвор за стопанственици од Карпош, наброи градоначалникот Јакимовски, пред да го прогласи лидерот на опозицијата, Мицкоски, за јавен непријател.

Крајот на коалицијата помеѓу ГРОМ и ВМРО-ДПМНЕ го објави на вонредна прес- конференција, по информациите за жестока седница на Советот на општината, која се одржала претпладне.

Прекинувањето на соработката со најголемата опозициска партија, Јакимовски тврди дека не значи и идна коалиција со владејачката СДСМ.

„Знам дека сега ќе имаме приказни дека Јакимовски ќе оди со СДСМ и така натаму, затоа што кога аргументите ги снемува, тогаш настапуваат инсинуациите. Не правам коалиција и не правиме коалиција со никого“ изјави Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош.

Јакимовски дури ги повика и институциите да се позанимаваат со заканите и притисоците кои тврди дека доаѓаат од водечките луѓе на сега веќе поранешниот негов коалициски партнер, ВМРО-ДПМНЕ.

„Карпош и јас мораме да им се спротивставиме на опструкциите, мораме да им се спротивставиме на командите од еден центар, мораме да му се спротивставиме на шпицен- градоначалникот. Сметам дека за изживување, господинот Мицкоски треба да побара некој помлад од мене, со поинаков карактер и помалку години зад себе“ изјави Јакимовски.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ веднаш реагираа дека уште од прв ден кога Јакимовски стапи на функцијата градоначалник, се појавиле несогласувања.

Тврдат дека на општината ѝ се заканува сериозна бетонизација и узурпација на преостанатото зеленило, а дека тие се противат и затоа градоначалникот објавил крај на соработката со нивната партија.

„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ не одобрија неколку обиди на Јакимовски за вцртување на згради на различни локации низ Карпош, кои освен за интерес на бизнисот, не служат никому. И покрај нашите бројни апели за прекин на бетонизацијата, Јакимовски продолжува со намерите да штанца градежни дозволи“ изјави Роберт Велјановски од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош.

Јакимовски по четврти пат е на функцијата градоначалник на Карпош, а овојпат во фотелјата седна откако дел од гласовите во опозицискиот блок се прелеаа на негово конто, нешто за што не пропушти да се заблагодари на прес-конференцијата, на која досегашните партнери ги прогласи за непријатели.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Вреди” по потегот на Силјановска: Не треба да се отвараат стари рани, ги разбираме емоциите, но не чекаат уставни измени на европскиот пат

Дејан Дејан

Зеленски: Жестоки борби во Харковскиот регион, целта е да се растегне и деморализира украинската одбрана

Дејан Дејан

И ЕУ со реакција на првиот претседателски потег на Силјановска: Жалење поради постапката, а Уставот и меѓудржавните договори мора да се почитуваат

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе