Вести Свет Топ вести

Регионот Луганск е речиси 90 проценти под руска контрола – жестоката офанзива продолжува

Руската офанзива во регионите Доњецк и Луганск продолжува со ненамален интензитет. Украинската армија потврди дека руските сили нападнале повеќе од 40 градови во Донбас, обидувајќи се да ја прошират зоната која е под нивна контрола.

Минатиот месец, официјален Кремљ фокусот на својата офанзива го пренасочи кон воспоставување целосна контрола на регионот Донбас, во источна Украина, испраќајќи илјадници војници и тешка артилерија. Од три правци се напаѓаат Украинските сили кои ги бранат градовите Северодењецк и Лисичанск. Со евентуалното освојување на овие два град целата провинција Луганск би била под руска контрола, една од клучните воени цели на Путин.

Речиси 90% од Луганск е под руска контрола, потврди Украинскиот гувернер на овој регион, Серхеј Хајдал, кој оцени дека на бранителите им е потребна артилерија со долг досег за да го одбие непријателот кој напаѓа од три страни.

„Тие не можат да напредуваат брзо па почнуваат да користат авијација. Ја користат истата стратегија на напад како на сите други места. Бомбардираат позиции подолго време, на пример четири часа. Потоа напаѓаат со одреден број пешадиски единици. Ако не се успешни, оние кои остануваат живи се повлекуваат и потоа повторно користат артилерија и тоа се случува постојано“, изјави Серхеј Хајдал, гувернер на регионот Луганск.

Според Хајдал, градовите кои се уште се под контрола на Украинските сили се бомбардирани речиси постојано и се повеќе наликуваат на Мариупол, кој Русите го срамнија со земја за да го освојат.

Истовремено, Украинскиот лидер, Володимир Зеленски, жестоко го критикуваше поранешниот американски државен секретар Хенри Кисинџер, кого го спореди со поранешните дипломати кои се обиделе да ги задоволат барањата на нацистите во 1938-та година, откако Кисинџер сугерираше дека Украина треба да и дозволи на Русија да го задржи Крим, кој беше анексиран во 2014-тата година.

„Во Давос на пример, Г-н Кисинџер се појави од далечното минато и изјави дека дел од Украина треба да и биде даден на Русија за да се избегне отуѓувањето на Русија од Европа. Се чини дека Г-н Кисинџер мисли дека на календарот е 1938 наместо 2022 и мислеше дека се обраќа на публиката во Минхен во тоа време, наместо на публиката во Давос“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Зборувајќи на Светскиот Економски Форум во Давос, 98 годишниот Кисинџер изјави дека преговорите треба да започнат во наредните два месеци „пред да создаде нарушувања и тензии кои нема лесно да бидат надминати“, сугерирајќи дека линијата на поделба треба да вклучува враќање на статус квото, пред руската инвазија, што меѓу другото значи и Крим под руска контрола.

Украина ја обвини и Русија дека ја уценува меѓународната заедница, откако официјална Москва изрази подготвеност за деблокада на Украинските пристаништа на Црното Море во замена за укинување на дел од западните санакции.

Блокадата на пристаништата се одразува на снабдувањето со храна во светот, предизивикувајќи недостаток на пченица и масло за готвење. Украина е еден од најголемите светски извозници на пченица, пченка и масло од сончоглед.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Иран и Ирак потпишаа договори за соработка во областа на транспортот, финансиите и енергетиката

Дејан Дејан

Бела куќа: Саудискиот нуклеарен договор бара нормализација на односите со Израел според Абрахамскиот договор

Дејан Дејан

(Видео) Два ер трактори и два пинцгауери го гаснат пожарот кај Копаница

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе