Цели три месеци трае војната во Украина. Но како и во секоја војна во битката за слободата највисока цена плаќаат војниците, но и нивните семејства. И двете страни не ги кажуваат официјалните бројки, но според украинскиот претседател Зеленски во борбите на истокот од земјата можно е дневно да гинат и по стотина војници. Животот полека се враќа во нормала и во главниот град Киев. Жителите веќе цел месец не се кријат во подземната железница, а според градските власти 90% од инфраструктурата е вратена. Во вториот по големина град, Харков, кој беше опколен со недели, украинската контраофанзива ги турна руските војници на север и на исток.
Сега руската војска е фокусирана да го освои Донбаскиот регион, на истокот од Украина. Тука војната се интензивира, а според Киев, оваа офанзива е „најголема на европско тло од Втората светска војна“. Според Зеленски, руските сили се организирани да направат нов масакр во Донбас, во обид да уништат „сè што е живо“ во регионот.
Најтешката борбена ситуација сега е во Донбас. Бахмут, Попаснаја, Северодонецк – во оваа насока окупаторите ја концентрираат најголемата активност во овој момент. Тие направија масакр таму и се обидуваат да го уништат целиот живот. Буквално, никој не го уништи Донбас како што тоа го прави сега руската војска, вели зеленски.
Русија денеска ги правда своите постапки. Тврди дека осум години ја чекале Украина да почне да го почитува договорот од Минск, и да престане со геноцидот на руското население во Донбас. Рускиот министер за одбрана вели дека се било залудно и Москва немала избор.
Во оваа ситуација, Русија беше принудена да започне специјална воена операција со цел да ги заштити луѓето од геноцид, како и со цел демилитаризација и денацификација на Украина, обезбедувајќи нејзиниот статус да биде неутрален и без нуклеарно оружје, рече СЕРГЕЈ ШОЈГУ, МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА РУСИЈА
Мировните прегововори се во ќор сокак. Се обидуваат западните сили да ги разубедат двете страни да се смират, но станува збор за големи воени сили и како минува времето агресивноста е се поголема. Нема изгледи дека на повидок е крајот, освен можеби неутрален статус на Украина, која бара уште оружје, а Европа вели дека нејзините залихи се веќе исцрпени. Украина мора сама да одлучи за својата иднина.
Украина мора да победи во оваа војна, а агресијата на Путин мора да биде стратешки неуспех. Затоа, ќе направиме се што можеме за да им помогнеме на Украинците да надвладеат и да ја вратат иднината во свои раце, порача УРСУЛА ФОН ДЕР ЛАЈЕН, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ЕК
Зеленски инсистира да разговара лично со Путин за да се стави крај на војната. Но, по три месеци криење во рововите, со денови оставени и без храна, во страв за своите животи, пораката до сите доаѓа токму од оние кои се на правата линија од овој ужас на кој сведочи светот во 21 –от век.
Мислам дека ова е висока цена за плаќање, животите на луѓето се бесценети и не е во ред млади луѓе да умираат. Дипломатијата мора да го реши ова, вели АЛЕКСЕЈ КОЛЕСНИКОВ, КОМАНДАНТ НА УКРАИНСКА ЕДИНИЦА
Алиса Шутиноска
