Финска не добива веќе гас од Русија. Затворањето на славината за гас беше најавено вчера од страна на рускиот концерн Гаспром со укажување на спорот околу плаќањето во рубљи.
„Увозот на гас преку влезната точка Иматра е запрен“, соопшти денеска финскиот оператор за гас, Гасгрид.Иматра е станица од која Финска досега го добиваше рускиот гас.
Запирањето на гасот го потврди и финската државна компанија Гасум. Отсега Гасум своите муштерии ќе ги снабдува со гас од други извори, кој се транспорира преку гасоводот Балтикконектор. Овој гасовод ги поврзува Финска и соседна Естонија.
Финска одби да го плаќа гасот во рубљи, и според фински Гасум тоа е единствената причина поради која од денеска не се добива гас од руски Гаспром. Но, фински Гасум ги смирува клиентите бидејќи снабдувањето со гас е обезбедено за наредните месеци.
Само околу 8% од потребите за енергија на Финска се покриваат со гас. Најголемиот дел од гасот досега доаѓаше од Русија. Затворањето на славината за гас од страна на Русија доаѓа неколку дена по барањето на Финска да стане дел од НАТО.
