Литургијата за помирување на СПЦ и МПЦ-ОА, започна утринава во 9 часот во храмот Свети Сава во Белград, јави за вестите на Телма во 12.30, репортерот Огнен Чанчаревиќ.
Литургијата се одржа пред голем број верници, присутни како во внатрешноста на Храмот, така и пред него.
До присутните се обратија и српскиот патријарх Порфириј како и поглаварот на МПЦ-ОА, господин господин Стефан.
Во своите обраќања тие оценија дека станува збор за голем ден , како за двете цркви, така и за христијанството. Со одржувањето на литургијата се враќа нормалниот однос и нормалното општење меѓу двете цркви. Литургијата се одвиваше наизменично и на српски и на македонски јазик.
„Имавме раскол кој траеше 55 години, со нашите браќа од Македонија. Таа рана беше длабока и болеше. За неа размислувавме, со неа легнувавме и станувавме, во очекување и копнеж таа да се залекува. Но како што не постои ништо што ние луѓето не можеме сами на себе да го залекуваме, така и раната на телото на Христос, не може само со нашата сила и моќ да биде излекувана. Затоа и велам дека раната е излекувана а дека тоа чудо е чудо божје, тоа е дар од Бога, браќо и сестри. Разбравме дека раната е направена со нашите постапки и затоа му се обративме на Бога, на Свети Сава и на останатите светци на нашата црква, да го направат тоа што ние не можеме.“ – порача Српскиот патријарх Порфириј.
Поглаварот на МПЦ-ОА, во своето обраќање кажа дека со денешната литургија се става крај на голготата на македонскиот народ и црква.
Изрази неизмерна благодарност за одлуката на Српската православна црква и најави дека нашата црква ќе продолжи да го чекори патот кон целосната автокефалност.
„МПЦ-ОА трудејќи се да го запази единството на духот преку врските на мирот ќе продолжи по патот што води и служи за мир и взаемно надградување. По патот што ќе ги оправда и братољубивите одлуки за единство со сите, вклучително и нашето барање за конечно решавање на автокефалниот статус на нашата света Црква. Ние во МПЦ-ОА, непоколебливо веруваме дека уште деновиве ќе доживееме полна радост, во господа, со одлука од васваша светост, заедно со браќата архиреји на Српската православна црква.“ – порача господин господин Стефан.
Во Свети Сава се обрати и поранешниот македонски владика а сега член на Синодот на СПЦ, Јован Вранишковски, кој во своето обраќање кажа дека тој и неговата црква под константен притисок а истото важело и за МПЦ-ОА, како и дека посакува повеќе да нема раскол меѓу двете цркви и дека денешниот ден му значи повеќе од денот кога го добил томосот од СПЦ за православната Охридска архиепископија која едно време ја водеше.
