Нема да има отстапки кон Бугарија, туку Софија е таа која треба да ги консолидира своите ставови што ќе прави понатака во процесот. Ваква синхронизирана порака денеска беше испратена од Македонија, откако по министерскиот состанок на ЕУ пред два дена на кој јуни беше поставен како краен рок за завршување на процесот и старт на преговорите со Македонија и со Албанија, Бугарија возврати со познатата позиција – ништо од тоа без влез на Бугарите во македонскиот Устав, надградено со барање за гаранции преточени во меѓународно признат договор.
Достоинствено и решение прифатливо за двете страни е она што премиерот, Димитар Ковачевски очекува од евентуален договор со Бугарија, но без правење отстапки од македонска страна.
„Во овој момент не постои документ кој што е заеднички прифатлив за двете страни и кој што може да претставува основа за решение. На нас ни е потребно брзо решение, меѓутоа не избрзано“, рече Ковачевски.
Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, пак денеска негираше дека Македонија рагледува некакви конкретни предлози кои би и ги доставила на Бугарија, како што тврди неговата бугарската колешка, Теодора Генчовска.
„Ние не работиме на нешто ново од тоа што досега го разговараме, туку очекуваме Република Бугарија да има консолидиран став на влада ппо однос на тоа што понатаму со овој процес. За жал комуникација има, меѓутоа конкретни разговори, се додека не го слушнеме тој консолидиран став од Република Бугарија, нема.
Повторно запрашан за тврдењето на Генчовска дека макеоднското МНР разгледуве конкретни предлози, Османи кратко одговори: „Не, не“.
За барањето на дополнителни гаранции околу вметнувањето на Бугарите во македонскиот Устав, за што Софија тврди дека не е доволно само тој процес да започне, Османи е дециден дека и Софија знае оти тој процес не може да се врзе директно, односно да се услови почетокот на преговорите со финализиирање на уставните измени.
„Мислам дека има добар предлог на маса кој што е компромисен помеѓу нивното барање тоа да се зврши пред и нашето тоа да се заврши пред самото членство. И мислам дека предлогот кој што е на маса е добро е ршение и мислам дека и во Република Бугарија се свесни за тоа. Повеќе мислам дека е прашањето на неконсолидирањето на ставот таму за да може да се комуницира до нашето МНР“, смета Османи.
Османи како потврда за тоа дека македонските позиции и ставови на сите им се јасни, го искористи и тоа што еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеи, утре ќе ја посети Бугарија на разговори со државниот врв на тема „Македонија“, но дека нема најава дека Вархеи ќе ја посети и земјава.
За негативните пораки на сметка на Македонија кои периодов зачестија од Бугарија Османи кој притоа не сакаше директно да реферира на бугарскиот претседател Румен Радев, изјави дека во Бугарија има чинители кои не само што сакаат блокадата кон земјава да продолжи туки и по можност вината за тоа да ја префрлат врз Македонија.
Во услови на заладени односи и заострена реторика меѓу двете земји, со досега откажани две официјални посети на бугарски претставници на Македонија, Османи денеска информираше дека се прави обид да се организира официјална средба на македонската и бугарската делегација кои на 24 мај во Рим, одделно ќе одадат почит на гробот на Св. Кирил. Македонската делегација таму ќе ја предводи премиерот Ковачевски.
Тамара Грнчароска
