Најмалку 44 мигранти се удавија денеска во водите на Атлантскиот Океан, откако бродот со кој се превезувале се превртел во близина на брегот на територијата Западна Сахара.
Невладината организација за помош на мигранти „Каминандо Фронтерас“ соопшти дека бродот е превртел во близина на брегот кај Кап Бујдур. Дванаесет лица кои го преживеале бродоломот се приведени од локалните власти.
Телата на седум од жртвите биле извлечени на брегот, додека по останатите се трага. Не е познато која била дестинацијата на чамецот, но обично мигрантите кои ја напуштаат областа се обидуваат да стигнат до Канарските острови, што се шпанска територија.
Поголемиот дел од територијата на Западна Сахара е под контрола на Мароко, додека околу дваесет проценти е самопрогласената Сахрави Арапска Република.
Мароко е клучна транзитна точка за мигрантите во нивните обиди да стигнат до Европа. Според податоците на мароканската полиција, во првите три месеци од годинава во Мароко биле спречени речиси 15 илјади обиди за илегална миграција, а разбиени се 52 мрежи за трговија со луѓе.
Минатата година мароканските власти спречиле повеќе од 63.120 илегални обиди за преминување на границата, а биле откриени и растурени 256 шверцерски канали.
Шпанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека минатата година по морски пат во земјата пристигнале повеќе 40 илјади имигранти од Африка.
