Босанецот Бехрудин Делиќ се вратил од Мариупол со потресни сведоштва.
Тој во Украина живеел од 1991-вата година а војната го затекнала во градот кој сега е разрушен.
„Нема ништо. Куќите се запалени, од арматурата на улиците не можеш да поминеш, гледаш човечки тела кои никој не ги погребува. Нема ништо. Градот е 100 проценти готов и таму нема живот“ -вели Делиќ за телевизијата Н1.
Заедно со неговата сопруга, ќерката и родителите на сопругата живееле во подрум спиејќи на столчиња а неговото семејство во Зеница 38 дена не знаело дали се живи или мртви.
Целиот имот им останал во Мариупол.
Во Зеница се вратил со часовникот кој го носел на раката и една желка за која тврди дека му носела среќа. Неговата жена заминала за Русија а ќерката во Германија.
