Нов пакет воена и финансиска помош за Украина и заострување на санкциите против Русија, објави денеска претседателот на Соединетите американски држави, Џо Бајден.
Нашето оруже ќе оди директно на фронтовите на слободата во источна Украина, во регионот Донбас, изјави Бајден.
Денеска, објавувам нови 800 милиони долари за дополнително да ја засилиме Украинската способност за борба на истокот, во регионот Донбас. Овој пакет вклучува тешка артилерија, десетици Хаубици и 144 000 парчиња муниција за нив. Исто така вклучува повеќе тактички дронови, објави Бајден.
Бајден најави дека за да непречено продолжи доставувањето воена помош за Украина, наредната недела до Конгресот ќе испрати уште едно барање за испраќање дополнително оружје и муниција во наредниот период.
Истовремено, на Украина и се обезбедуваат и 500-тини милиони американски долари како финансиска помош за владата во Киев за исплаќањето плати и обезбедувањето услуги. Истовремено, американскиот претседател објави проширување на санкциите против Русија.
Денеска објавувам дека САД ќе го забранат влезот на бродовите поврзани со Русија во нашите пристаништа, како што направија и во Европа. Тоа значи дека на ниту еден брод, ниту еден брод кој плови под руското знаме или е во сопственост и го раководат руски интереси, нема да му биде дозволено да влезе во американско пристаниште или да има пристап до нашиот брег, рече Бајден.
Во Украина, најдраматично е во градот Мариупол, на Азовското море, кој речиси целосно е под контрола на руските сили. Единствен исклучок е големиот индустриски комплекс, челичарницата Азовстал каде се засолнети поголем број од Украинските војници, но и меѓу 500-тини и 1000 цивили.
По повеќедневното жестоко бомбардирање со артилерија и авијација, Русите сега најавуваат промена на стратегијата. Целосна блокада на Азовстал и контрола на сите приоди кон челичарницата со цел, како што кажа рускиот лидер Путин, да не може ниту мува да прелета.
Предлагам, ова е случај кога мораме да размислуваме, односно секогаш да размислуваме, но уште повеќе во овој случај, за зачувување на животот и здравјето на нашите војници и офицери. Нема потреба да се симнувате во овие катакомби и да ползите под земја низ овие индустриски капацитети. Блокирајте ја оваа индустриска област за да не може мува да прелета, порача Путин.
На средбата која се одржа во Кремљ, рускиот претседател го поздрави „ослободување“ на Мариупол откако министерот за одбрана Сергеј Шојгу му кажа дека руските сили сега го контролираат овој важен украински пристанишен град, кој во нормални времиња е клучен извозен центар за челик и јаглен.
Десетици цивили денеска го напуштиле разурнатиот Мариупол, откако Украина постигна прелиминарен договор со Русија за хуманитарен коридор.
Украинскиот лидер Зеленски потврди дека најголем дел од Мариупол е под контрола на Русите, обвинувајќи го агресорот дека убил огромен број цивили во овој град.
Зеленски најави и дека Европската унија планира шести пакет санкции против Русија. Конкретно, санкциите ќе обезбедат ограничувања за рускиот енергетски сектор, банкарскиот сектор, извозот, увозот и транспортот, рече тој, повторувајќи го апелот за целосно ембарго на испораките на руска нафта.
Никола Илиевски
