Поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески неправосилно е осуден на 3,5 години затвор во предметот „Топлик“, каде што заедно со уште петмина други е обвинет дека со злоупотреба на службената положба и овластувањата го оштетиле буџетот за милион евра од камати, за пропаднатиот договор за купопродажба на земјиште за изградба на комплекс „Сончев град” на Водно.
Томе Ѓурчилов доби тригодишна затворска казна, додека Димитар Димовски, Марица Тасева, Димитар Гаќев и Веса Томчевска добија условни казни.
Причинетата штета осудените солидарно да ја надоместат, рече судијата Осман Шабани од Основниот кривичен суд.
За злоупотреба на службената положба и овластувања, обвинети се уште пет лица од Министерството за транспорт и врски, кои биле членови на Комисијата за јавни наддавања.
Предметот кој беше отворен од поранешното СЈО се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на населбата „Сончев град“ во Сопиште.
Според обвинението, првоосомничен е поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, кој како раководно лице во Министерството, спротивно на Законот за јавни набавки составил Комисија за јавни наддавања на која ѝ наложил да избере понудувач за купување и располагање со државно земјиште за изградба на елитниот комплекс „Сончев град“ во Сопиште, иако фирмата не ги исполнувала условите за тоа.
