Кои се државните службеници кои работеле против државните интереси и агитирале да нема договор со Бугарија и деблокирање на ветото, колкумина се, во кои институции и на кои позиции и дали имаат пристап до доверливи информации се прашањата кои остануваат отворени откако вчера шефот на дипломатијата соопшти дека во двете држави постои мрежа која работи контра нормализирање на односите и стабилзирање на регионот.
Премиерот Димитар Ковачевски ја добил информацијата заедно со министерот Османи. Проследена е до безбеносните служби и превземени се конкретни мерки и чекори но Ковачевски нагласи дека станува збор за класифицирани информации и нема да ги соопшти во јавноста.
Од Кабитентот на претседателот Пендаровски соопштија дека министерот Османи го брифирал Претседателот за овој случај но не прецизираа дали за тоа се дискутирало на Советот за безбедности и дали и какви насоки дал претседателот.
Во однос на конкретниот случај, кој јавно го наведе министерот за надворешни работи, за лица кои работеле против добрите односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, претседателот е директно информиран од страна на министерот за оваа тема, со оглед на неговите ингеренции во надворешната политика и редовните консултации со претставниците на Владата, соопштуваат од Кабинетот на Претседателот.
Во однос на изјавата на премиерот на Бугарија, Кирил Петков, дека интерес на Русија е да нема договор меѓу Македонија и Бугарија и деблокирање на процесот за интеграции и премиерот Ковачевски и претседателот Пендаровски сметаат дека е веродостојна.
Меѓутоа информациите за овие службеници и евентуалните докази за нивното дејствување шефот на дипломатијата сеуште го нема доставено во Обвинителството.
Обвинителството до сега не е информирано за случајот за кој покажувате интерес. Институциите кои утврдиле постоење на елементи на кривично дело, соодветните докази треба да ги достават до обвинителството кое согласно своите надлежности понатаму ќе ги гони сторителите на кривичното дело, соопштуваат од обвинителството.
Министерот Османи вчера кажа дека официјална Софија му соопштија дека вработени во македонски државни институциии агитирале да не се постигне било какво решение и да не се потпише никаков договор со кој би се придвижиле процесите и дека овие струи во двете држави ќе станат уште поактивни како што ќе се наближува решението во преговорите.
Огнен Чанчаревиќ
