Обвинителството го гони 26-годишниот скопјанец за кривично дело во сообраќајот за кое е предвидена минимална казна од 4 години затвор откако викендов предизвика една жртва и еден тешко повреден.
Од скопското обвинителство соопштија дека е донесена Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишен скопјанец осомничен за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, како и за – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода по член 301 став 1 од Кривичниот законик.
Несреќата се случила во саботата навечер на улица Скупи кај пунктот на ЈП „Водовод-Пумпи“. Возачот со голф, а без дозвола почнал да претекнува на полна лента и директно удрил во мотор кој доаѓал од спротивната насока. На моторот имало две лица кои паднале на улицата, и останале да лежат додека возачот на голфот избегал и отпосле се предал на полицијата.
ПОВЕЌЕ: Автобуси со пристапни рампи, но без пристап за лицата со телесен инвалидитет
Возачот на моторот добил тешки телесни повреди, а сопатникот на 50-годишна возраст починал од тешките повреди. Подоцна беше објавено дека загинатиот е Марјан Георгиев познат и како Мац Црни,еден од основачите на навивачката група Комити.
Обвинителството бара притвор за возачот затоа што избегал од местото на настанот, а оцени дека го извршил најтешкото кривично дело во сообраќајот за што му отвори истрага.
Целосното соопштение на Обвинителството е објавено денеска:
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 26-годишен скопјанец осомничен за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1, како и за – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода по член 301 став 1 од Кривичниот законик.
На 2 април, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, осомничениот управувал автомобил „Фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, без притоа да поседува возачка дозвола. Движејќи се по улицата „Скупи“, кога дошол пред пунктот на ЈП „Водовод-Пумпи“, во обид да изврши претекнување, преминал преку полна надолжна линија на коловозната лента наменета за движење на возилата од спротивната насока. На овој начин тој го попречил нормалното движење на возилото што доаѓало од спротивната насока – мопед „Пежо“ со скопски регистарски ознаки. Со предниот дел од автомобилот осомничениот удрил во мопедот на кој се превезувале две лица.
По несреќата, без да укаже помош на оштетените кои останале да лежат на коловозот, осомничениот го напуштил местото на настанот. Во несреќата, лицето кое управувало со мопедот се здобило со тешки телесни повреди, додека сопатникот на мопедот се здобил со тешки телесни повреди на кои подоцна им подлегнал и починал.
Бидејќи постојат околности кои што укажуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна потапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Како значајна околност во предлогот за притвор јавниот обвинител го наведе фактот дека непосредно по сообраќајната несреќа осомничениот избегал без да се обиде да им укаже помош на настраданите, што е очигледен доказ за неговото избегнување да се соочи со последиците од преземените противправни дејствија.
Аудио бомбите Камчев – Груевски не влегоа во судот, не биле законски прибавени
