Едно евро со камата ќе треба да му платат СДСМ на опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, откако судот пресуди во негова корист по тужбата за клевета и навреда.
Треба да ги покријат и судските трошоци од 12 илјади денари, а пресудата на свој трошок да ја објават во најчитаниот дневен весник.
Судот пресудил дека, СДСМ, за да му наштетат на честа и угледот, на фејсбук, изнеле невистинити факти со тврдењето дека „антизападниот пион Мицкоски му е продолжена рака на Груевски „, и дека тоа претставува навреда.
Клевета, пак, за судот е тврдењето дека е „пион кој се збогатил благодарение на неговиот ментор„ и дека „во 2015 та Груевски му доделил преку неговата фирма „ЕНЕРГОТЕК ДОО„ 33 илјади квадратни метри државно земјиште за изградба на хидроцентрали, како и дека фирмата е 99 проценти во сопственост на Мицкоски, а не 7 отсто, како што тврди самиот„.
Социјалдемократите не сакаа да ја коментираат одлуката на судот, а опозицискиот лидер е задоволен.
Клевета, според судот, изрекол и претседателот на Интегра, Љупчо Ристовски, со изјавата дека, во клучни историски моменти, Мицкоски бил против националните интереси. Тој не мора да плати никаква казна, освен да ја објави пресудата.
Далиборка Демјанска Цветановска
