Министерството има работни групи кои работат на оценување на состојбата и од нивната работа согурно ќе произлезат пилот проекти за секундарното и терцијарното здравство, вели министерот Беким Сали во Вин Вин на Телма. Сали вели дека реформите не смеат да бидат избрзани
Реформи не можеме да очекуваме набрзина, зата што се што е брзо не може да даде ефект. Некоја рефомра можеби е одлична на хартија, меѓутоа по менталитет ние не сме спремни за таа реформа. И во случај кога немате екипа која ќе прифати таква реформа, сигурно таа ќе пропадне. Меѓутоа последиците од тоа ќе бидат подолготрајни. Сакам да напоменам дека пред 12 години јас бев дел од кабинет на министер, и во тоа време работевме на една реформа која што се викаше плаќање по учинок, што јас се уште сметам дека е одличен метод, како еден здравствен работник да го даде својот максимум, и во обем на работа и во квалитет. Меѓутоа не беше прифатена затоа што ние немавме време тогаш да ги подготвиме кадрите да го прифатат тоа како систем. Ние имплементиравме реформа која што беше прифатена поради потребата да се направи нешто, меѓутоа резултат од тоа ние не видовме, рече Сали.
Вели дека според реформите во примарната здравствена заштита, лекарите од примарното ниво ќе имаат поголема палета на услуги кои што ќе ги пружаат, наместо пациентите веднаш да се препраќаат во терцијарното здравство, затоа што голем дел од секундарното здравство не функционира поради многу и различни причини.
Клиничкиот центар јас скоро секој ден го гледам, значи паркингот е хаотичен, листи на чекање има по два-три месеци, затоа што одреден оддел во одреден град не функционира. Зошто? Затоа што дел од кадарот го нема, една опрема не функционира, тој оддел се реновира… Поради икс причини ние ги праќаме пациентите директно во терцијарно ниво. Како ние да се справиме со секојдневните елементарни потреби на пациентите во терцијарно ниво, во толкав број? Значи не можеме, тоа не е одржлив систем. Одржлив систем е кога ние ќе ги децентрализираме услугите, ќе ги распределиме на сите здравствени установи, сите нека споделат, вели Сали.
Според него 1.300 примарни здравствени установи од општа медицина, можат во голем дел да го олеснат притисокот врз системот.
Имаме околу 1.300 примарни здравствени установи од општа медицина, доколку тие услуги би ги пружале, да прават барем по 5 прегледи дневно, тоа се 8.000 прегледи дневно. 8.000 прегледи не може Клиниката за кардиологија да ги пружи за 2 месеци, значи тоа е преголем обем. Ниту зградата не е спремна, ниту кадарот не е спремен, ниту системот не е спремен тоа да го плати, затоа што во терцијарното ниво, знаете секој трошок што погоре толку поскапо е. И заради сите овие околности ние имаме листа на чекање, па незадоволни пациенти, па ненавремено интервенирање и како резултат на сето ова се зголемените бројки на починати. Мора да се растерети системот, да биде сѐ на свое ниво, на свое место, за пациентот да добие услуга што побрзо и што поблиску, вели Сали.
