Засега нема можност да се утврди дали битолчани дишат почист воздух по субвенционирањето од страна на државата на над 2500 семејства за набавка и монтирање на високоефикасни инвертер клими. Причината е што со месеци не работи мерната станица Битола 2 во центарот на градот. Дел од битолчани сметаат дека ложиштата на огревно дрво уште се најголеми загадувач, а други дека тоа се возилата.
„Сега се затопли времето и нема толку загаување кое настанува од горење огревно дрво и ситуацијата е подобра. Инаку, во зима можеше да се види чад од куќите и зградите и беше позагадено, сега е почито.
Само од возилата е, а некој кога ќе каже од куќите произвлегува загадувањето, не е така, се знае тие кога греат навечер или претпладне, на пладне секаде е намалено греењето“, велат битолчани.
Субвенционирањето на клима инвертерите како еколошка мерка беше во 2020 година кога локалната власт беше предводена од СДСМ. Средствата беа обезбедени од ЕСМ со цел да се намали бројот на домаќинства кои се греат на дрва, чие согорување ја загадува животната средина.
Од Општина Битола која сега е предводена од ВМРО-ДПМНЕ, посочуваат дека не можат да увидат дали е намалено аерозагадувањето бидејќи мерната станица Битола 2 не е во функција повеќе од четири месеци.
Станицата е под надлежност на Министерството за животна средина. Во изминатиот период не ретко се случуваше да не работи. Одговорот на надлежните беше дека се работи за дефект и дека ќе биде отстранет.
Драган Вељанов од платформата „Земи здив“ вели дека нивните податоци покажуваат намалување на концентрациите на ПМ честичките во воздухот, но тешко е да се направи реална проценка дали е тоа како резултат на инвертерите зашто двата периода, пред и по климите, треба да бидат со идентички климатски услови.
„Според податоците со кои ние располагаме во претходните години, зимата 2019 беше најдрастична според податоците на ПМ10 четичките, во 2020 имаме помали вредности за сега да имаме уште малку помали . Тоа не значи дека имаме помало ниво на аерозагадуваење. Можеби оваа зима беше поблага во однос на претходната во температурите, но за идеално да споредиме два периоди мора и условите што ги диктираат аерозагадувањето да бидат идеални“, вели Вељанов.
Битола нема гасификација, топлификација, ни парно греење. Пред субвенционирањето на инвертерите 22 000 домаќинства се греа на дрва. Сега се проценува дека бројката е помала. Но, и оваа година во претпријатијата кои даваат дрва со исплата на рати е голема навалица.
Жанета Здравковска
