На прашањето на својот адвокат Звонко Давидовиќ дека „Во обвинителниот акт стои дека до умисла сте помогнале во перење пари“, Сашо Мијалков одговори дека не се чувствува виновен за делото за кое го гонат.
– Ова е апсолутно неточно и ова го тврдам најодговорно. Јас тоа што ќе го кажам во мојот исказ не значи дека вие како судечки совет треба да ми поклоните верба бидејќи јас како обвинет можам да кажам се во моја одбрана исто како и останатите обвинети минатотот рочиште, а не зборуваа баш вистина затоа треба да дадете верба во материјалните докази. Ние не видовме ниту еден материјален доказ ниту па еден доказ. Единствено во исказот на Александар Ивановски Теранова се споменува но повеќе како обвинет, а не како сведок. Но и тој исказ не е целосен а верувам и вие ќе го прочитате. Јас никогаш не сум дал упатства за ниту едно кривично дело не само во овој крвично-правен настан туку во ниту било која друга ситуација, изјави Мијалков на денешното рочиште за случајот Плацеви на Водно.
Тој не го спомна својот братучед Никола Груевски кој е обвинет дека како партиски претседател и претседател на владата организирал група за да го сокрие вистинскиот соппственик на имотот на Водно.
Адвокатот Давидовиќ го праша дали „знаел како се стекнати средствата на Груевски и дали дал на располагање оф-шор компанија со цел прикривање на вистинскиот сопственик ?
– Најодговорно ќе кажам, и стојам зад ова дека ниту сум знаел ниту сум можел да знам дека тие пари потекнуваат од кривично дело. Ова не сум можел да го знам бидејќи никогаш не сум имал пристап до партиската каса како партиски функционер ниту пак сум чул од сопартијците особено ако недостасува толкава сума пари тоа не може да биде незабележано, истакна Мијалков, кој во периодот на извршувањето на кривичното дело за кое е обвинет беше директор на УБК во МВР, министерство задолжено за гонење криминал и разоткривање на кривични дела.

– Никогаш никој од мене не побарал вакво нешто од мене особено да сторам некое кривично дело. Не видовме ниту еден материјален или вербален доказ освен исказот на Алек Теранова. Јас мислам што и да кажам веќе е констатирано во оваа постапка. Се докажа кој од кого побарал, кој основал и кому ја предал или купил и каде завршила фирмата и ниту еднаш никој не ме спомна за тие постапки, рече Мијалков на судењето за Плацевите на Водно.
-Би сакал да кажам дека во оваа постапка добив чувство на набљудувач. Видовме еден куп сведоци од кои единствено Ивановски го спомена моето име. И не се најдов во ситуација воопшто да се впуштам, да распрашувам или да спорам докази, заврши Мијалков.
На предлог на адвокатот Петар Василев од адвокатскиот тим на Мијалков повикани се Соња Липиткова, Гордана Клинчарова и Кицо Петрески. Обвинителката Лиле Стефанова го предложи за сведок Ненад Стојчески.
На минатото рочиште повеќе сведоци, Орце Камчев, Ненад Јосифовиќ и кумот на Груевски Ристо Новачевски во своите сведочења тврдеа дека зад целата операција и организација стои поранешниот премиер, а сега бегалец во Унгарија, Никола Груевски.
Камчев пак соопшти дека на крај Груевски го заменил плацот на Водно за три големи апартмани во Панорама Резиденс во истиот дел на Скопје, кои се со вкупна површина од 750 квадратни метри. Становите биле на екс премиерот, но се воделе на друго име, тврдеше Камчев кој исто така е обвинет за перење пари.
