Претседателот на САД, Џо Бајден потврди дека Русија употребила хиперсонични проектили во Украина. Тоа е оружје што предизвикува огромни последици.
Руската армија вчера соопшти дека ќе продолжи да ја користи својата најсовремена хиперсонична ракета за гаѓање исклучително важни цели во Украина.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков изјави дека хиперсоничната ракета „Кинжал“ „ја докажала својата ефикасност со уништување на добро обезбедени специјални објекти“. Конашенков истакна дека ракетата „Кинжал“ била употребена во петокот при нападот на магацинот за ракети во Делијатин, кога првпат тоа ново оружје беше употребено во борба.
„Кинжал“, едно од многуте хиперсонични оружја што Русија ги разви во изминатите години, има дострел од 2.000 километри и лета со брзина десет пати поголема од брзината на звукот.
